
Вработеноста во автомобилскиот сектор во Германија, кој веќе подолго време се соочува со сериозни предизвици, падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, поради укинување на десетици илјади работни места, соопшти Федералниот завод за статистика.
Автомобилската индустрија, вклучувајќи ги и производителите на делови, на крајот на септември вработувала 721.400 лица. Ова е најниска бројка од средината на 2011 година, кога во секторот имало 718.000 вработени, покажуваат податоците на заводот.
До крајот на септември, секторот имал 48.700 вработени помалку отколку една година претходно, што претставува пад од 6,3%. Тоа е воедно и најголем пад на вработеноста во кој било голем индустриски сектор со над 200.000 вработени, се наведува во извештајот.
За споредба, производствениот сектор како целина на крајот на септември вработувал околу 5,43 милиони луѓе, што е за 120.300 лица, односно 2,2%, помалку во однос на претходната година, соопшти федералната канцеларија.
„Продолжената рецесија во индустријата јасно се одразува во трендовите на вработеноста“, изјави Кирус де ла Рубија, главен економист во „Хамбург Комерцијал Банк“.
И покрај падот на бројот на работни места, автомобилската индустрија и понатаму е втор по големина производствен сектор во Германија според вработеност, по машинското инженерство, каде што работат околу 934.200 луѓе.
Германските производители се соочуваат со притисок поради високите американски царини, растечката конкуренција од кинеските производители на електрични возила, како и поновите проблеми со снабдувањето со чипови поврзани со спорот околу компанијата Nexperia.
Сепак, расположението во германската автомобилска индустрија во октомври се подобрило, покажува истражувањето на економскиот институт Ифо. Индексот на деловната клима во секторот се искачил на минус 12,9 поени, од минус 21,3 поени во септември, што упатува на делумно стабилизирање на очекувањата во индустријата.
Аналитика








