
Вработените на Триглав Осигурување во понеделникот, на 24.11.2025г. беа дел од волонтерската акција за пошумување, во опожарените предели на Гоцева шума во близина на Демир Капија.
Со заеднички сили, волонтерите од Триглав Осигурување, извидниците од проектот Боренка и претставници на ЈП Национални шуми, посадија 5000 садници багрем, поддржувајќи ја обновата на локалниот екосистем.
Елисавета Лукановска од Сојузот на извидници на Македонија посочи: „ Боренка ја реализира својата петта есенска сезона на пошумување, што е знак за пет години континуирана работа, во кои низ државата успеавме да засадиме илјадници нови дрвја и да ги вклучиме младите, институциите и компаниите во заедничка мисија за обновување на опожарените подрачја. Особено сум горда што преку едукативните активности на Боренка успеавме да опфатиме и повеќе од 10.000 деца од основни училишта, за кои оваа тема е од клучно значење. Она што во 2022 година почна како одговор на сериозните пожари, денес прераснува во национално движење, кое покажува дека со волонтерство, посветеност и вистински партнерства можеме да ја вратиме зелената боја таму каде што исчезнала.“
Учеството во акцијата претставува уште една потврда за континуираната посветеност на Триглав Осигурување на одржливоста и заштитата на животната средина. Секогаш се трудиме нашите активности да имаат вистинска и долготрајна вредност – не само преку пошумување, туку и преку подигнување на свеста за значењето на превенцијата од шумски пожари и грижата за природата.
„Секоја акција за подобрување на животната средина носи со себе нова можност – да ја ревитализираме природата, да изградиме заедништво и да оставиме позитивен белег за генерациите што доаѓаат. Нашиот тим со посветеност и искрена желба придонесе за враќање на животот во овој опожарен предел, а партнерството со извидниците и ЈП Национални шуми е уште една потврда дека заедно можеме повеќе,“ изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ.
Триглав Осигурување останува посветен партнер на заедницата и природата, со надеж дека ваквите иницијативи ќе инспирираат уште поголема општествена ангажираност и ќе помогнат во создавање позелена, поодржлива и побезбедна иднина за сите нас.
Аналитика








