ПОВЕЌЕ

    ВОЗАЧИ БЕЗ ДОЗВОЛИ, ПОД АЛКОХОЛ И БЕЗ КАЦИГИ: Над 1.000 сообраќајни казни за само еден викенд

    Време зa читање: 2 минути

    Низ целата држава, изминатиот викенд помина во знакот на засилени сообраќајни контроли, при што полицијата открила и санкционирала голем број прекршувања на сообраќајните прописи. Вкупниот број на изречени казни достигна 1.077, со што Министерството за внатрешни работи испрати јасна порака дека нема да толерира неодговорно однесување зад воланот.

    Меѓу најчестите прекршоци се најдоа оние на возачи кои управувале возило без валидна возачка дозвола. Биле регистрирани 174 такви случаи, за кои е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност. Само по оваа основа, вкупно се наплатени над 2,6 милиони денари.

    Контролите биле насочени и кон техничката исправност на возилата. Како резултат на тоа, 49 нерегистрирани возила се отстранети од сообраќај, а дополнителни седум се исклучени поради сериозни технички недостатоци.

    Алкохолот повторно се покажа како значаен ризик-фактор во сообраќајот – 65 возачи биле затекнати под дејство на алкохол, соочувајќи се со казни кои може да достигнат и до 400 евра, зависно од утврдениот степен на алкохолизираност. Притоа, биле санкционирани и 172 мотоциклисти кои не носеле заштитна кацига – казна од 50 евра за секој од нив, согласно со законските прописи.

    Во рамките на истата акција, евидентирани се и низа други прекршоци – од непочитување на ограничувањата на брзина, преку непрописно паркирање, до користење мобилен телефон за време на возење и непочитување на обврската за носење сигурносен појас. Забележани се и прекршувања кај возачи на електрични тротинети, како и неколку случаи на поминување на крстосница при црвено светло.

    Од МВР нагласуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со цел подигнување на јавната свест и зголемување на безбедноста на патиштата.

    „Ги повикуваме сите учесници во сообраќајот да покажат одговорност и да ги почитуваат сообраќајните правила. Само така можеме заеднички да придонесеме кон побезбеден сообраќај и заштита на човечки животи“, порачаа од Министерството.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично