ПОВЕЌЕ

    ВОВЕДУВАМЕ НОВИ АВИОЛИНИИ ВО ВРЕМЕ НА ГЛОБАЛНА АВИОКРИЗА: Николоски најави пет нови летови од Скопје и Охрид

    Време зa читање: 2 минути

    Македонија во следниве неколку недели ќе ја прошири својата мрежа на воздушни врски со воведување на пет нови авиолинии кон европски дестинации. Ние сме единствена држава што во време на глобална авиокриза отвора нови дестинации, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, нагласувајќи дека земјата продолжува активно да го развива авионскиот сообраќај и покрај предизвиците со кои во моментов се соочува глобалната авиоиндустрија.

    Една од новите линии ќе ги поврзува Виена и Охрид, а летовите ќе ги реализира австриската авиокомпанија „Австриан ерлајнс“. Според Николоски, оваа авиоврска ќе им овозможи на патниците полесен пристап до голем број европски, но и прекуокеански дестинации преку австриската престолнина.

    Во исто време, нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ ќе воведе уште две нови линии кон охридскиот аеродром, и тоа од полските градови Вроцлав и Краков. Се очекува новите летови да придонесат за зголемување на бројот на туристи од Полска, како и за дополнителна промоција на Охрид на европската туристичка мапа.

    Нови дестинации ќе добие и Меѓународниот аеродром Скопје. Во иднина ќе бидат воспоставени директни летови до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Иако најголем интерес за овие линии се очекува во текот на летната сезона, тие ќе продолжат да функционираат и во останатиот дел од годината.

    Николоски посочи и дека Македонија има важна улога во регионалниот воздушен сообраќај преку снабдувањето со авионско гориво. Тој истакна дека скопскиот аеродром во целост го снабдува со керозин аеродромот во Приштина, додека делумно го снабдува и аеродромот во Ниш. Според министерот, ова претставува потврда за добрата организација, логистичките капацитети и инфраструктурата со кои располага земјата во областа на воздухопловството.

    (Фото: Фејсбук профил на А. Николоски)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично