ПОВЕЌЕ

    ВОЛСТРИТ ВО ПЛУС, азиските берзи се опоравуваат од „црниот понеделник“

    Време зa читање: 3 минути

    На Волстрит, главните индекси вчера пораснаа за околу еден процент, еден ден по драматичната распродажба на акциите, благодарение на изјавите на претставници на ФЕД кои ги смирија стравувањата на инвеститорите за рецесија во САД. Индексот Dow Jones порасна во вторникот за 294,39 поени или 0,76 отсто, на 38.997 поени, индексот S&P 500 зајакна за 1,04 отсто, на 5.240 поени, а индексот Nasdaq за 1,03 отсто, на 16.366 поени. Во исто време, сите три индекси тргувањето го завршија во плус, но нивните добивки се повеќе се топеа како што се приближуваше крајот на тргувањето на берзата.

    Распродажбата на акциите во понеделникот дојде кога слабите економски показатели ги поттикнаа стравувањата од рецесија, но и поради тоа што инвеститорите ги прекинаа тргувањата финансирани од јени, кои се користат за купување акции со години, по изненадувачкото зголемување на каматните стапки на Банката на Јапонија минатата недела.

    Сите главни акционерски сектори во рамките на индексот S&P 500 вчера пораснаа, а најмногу беа секторите за недвижности и финансискиот сектор. Најзаслужна за зајакнувањето на S&P беше акцијата на Nvidia, која порасна за речиси 4 отсто.

    Берзанските индекси денес продолжија да растат на азиските пазари, предводени од силниот раст на токискиот Никеи, откако Банката на Јапонија (БОЈ) неочекувано сигнализираше дека не сака дополнително да ги зголеми каматните стапки, со што јенот нагло се намали.

    Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за 1,32 отсто околу 06:00 часот. Истовремено, јапонскиот индекс Никеи порасна за 2,7 отсто, откако вчера се зголеми за повеќе од 10 отсто, што доведе до оптимизам дека инвеститорите најдоа основа на пазарот по острата корекција. Да потсетиме, во понеделникот Никеи потона речиси 13 отсто.

    Во зелено беа и другите азиски берзански индекси, а најмногу беше јужнокорејскиот Коспи со 2,37 отсто. Јапонскиот заменик гувернер Шиничи Учида во средата изјави дека централната банка нема дополнително да ги зголемува каматните стапки се додека финансиските пазари се нестабилни.

    Минатата недела БОЈ ги зголеми каматните стапки на 0,25 отсто, највисоки во последните 15 години и најави дека постепено ќе го намалува дарежливото купување на државни обврзници.

    Курсот на доларот по изјавата на Учида скокна за 1,6 отсто на 145,65 јени, зајакнувајќи од 141,675 јени колку што допре во понеделникот, но сепак е далеку под највисокото ниво во јули во однос на јенот од 161,96 јени.

    Индексот на доларот, кој ги мери перформансите на САД во однос на шесте главни светски валути, утрово порасна за 0,22 отсто на 103,19 поени, оддалечувајќи се од најниското ниво во последните седум месеци од 102,15 поени, кое го допре во понеделникот.

    Нафтениот пазар се уште е нестабилен, бидејќи инвеститорите се загрижени поради намалувањето на глобалната побарувачка и можниот прекин на испораките на нафта од Блискиот Исток, поради ескалацијата на конфликтите таму. Цената на барел нафта брент на лондонскиот пазар се намали за 0,3 отсто, на 76,23 долари, а на американскиот пазар за 0,4 отсто, на 72,87 долари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично