Во јануари, малите инвеститори тргнаа во “војна”, со моќните хеџ фондови кои се обложуваа на пад на цените на акциите на „Гаместоп“ и на низа други компании. Тоа ќе биде предмет на виртуелна расправа во Комитетот за финансии на Конгресот на САД.
Според пратеничката Максин Вотерс, таа ќе се одржи на 18 февруари, а настанот ќе се пренесува во живо. Ќе биде главно фокусиран на добивката и загубата поврзана со практиката на „кратко продавање“ (обложување на големи професионални инвеститори, хеџ фондови, за пад на цената на акцијата), социјални мрежи и мали инвеститори.
Во меѓувреме, цената на акциите на „Гаместоп“, се зголеми во еден момент за 1.600 проценти, а пред два дена, во понеделникот, значително се намали. Популарната платформа за тргување Робинхуд, преку која се тргуваше со голем дел од овие и други „жешки“ акции, собра вкупно 3,4 милијарди долари како депозит.
Тоа, треба да овозможи да се отстранат ограничувањата во трговијата што ги воведе минатата недела и да ги налути малите инвеститори. Капиталот му беше даден на Робинхуд од финансиските „тешки“ хеџ фондови Sequoia Capital, Ribbit Capital, Andreessen Horowitz и други.
Минатата недела, Робинхуд, кој може да се пофали со принципот на демократизација на финансиските услуги, спречи инвеститори-аматери да купуваат акции во ланецот продавници за видео игри „Гаместоп“.
Како резултат, загубите на хеџ фондови беа малку ублажени, а малите инвеститори жестоко ја критикуваа одлуката, тврдејќи дека платформата манипулира со пазарот и ги штити големите инвеститори на кои акциите на „Гаместоп“ сè уште им се достапни.