Албанскиот премиер Еди Рама вчера објави на социјалните мрежи снимки од уривањето на диво изградена зграда и повторно ѝ порача на јавноста дека кампањата за уривање на дивоградбите во Албанија ќе продолжи. Премиерот сподели снимки од ’ртот Родон во Драч, каде што Националниот инспекторат за заштита на територијата (ИКМТ) урива 66 нелегални објекти. Тој го опиша подрачјето како природно богатство кое било злоупотребено за профит преку нелегална градба.
ИКМТ се фокусира на неовластени градби, фокусирајќи се на крајбрежните зони и заштитените подрачја. На ’ртот Родон, во рамките на административната единица Ишем во општина Драч, инспекторите отстрануваат 66 нелегални објекти.
Видеото го прикажува моментот кога пожарникарите интервенираат за да ја срушат структурата, ослободувајќи го блокираниот простор. „Ова не е само акција, туку пресвртница што ќе трае до крај“, пишува Рама.
КАМПАЊАТА НА РАМА НЕ ГО ШТЕДИ НИТУ КРАЈБРЕЖЈЕТО НИТУ ПЛАНИНСКИТЕ СЕЛА
Феноменот на дивоградби со децении ги обликува урбаните и руралните предели на Албанија, при што, според официјални податоци, вкупно 320.000 нелегални градби биле идентификувани на територијата на целата земја од 1990-тите до денес. Според Националната агенција за катастар, од кои огромен број, или приближно 200.000 објекти се легализирани до 2000 година.
Само во округот Валона, во кој Албанија интензивно го развиваше морскиот туризам последниве децении, се извршени 43,1% од сите уривања дивоградби помеѓу 2017 и 2020 година, факт што го одразува интензитетот, но и профитабилната природа на развојот на крајбрежниот туризам.
Од 2023 година, премиерот Еди Рама ја засили кампањата за демонтирање на нелегалната градба низ цела Албанија. Потегот на Рама беше популаризиран како борба за владеење на правото, заштита на животната средина и интегритет на туризмот, но исто така откри длабоки политички, правни и социјални разлики.
Институтот за статистика на Албанија (INSTAT) објави податоци за постојан пораст на барањата за градежни дозволи од 2022 година, што укажува дека притисокот врз спроведувањето може да ги турка повеќе инвеститори кон формални канали.
Во заштитените подрачја каков што е Националниот парк Тет на албанските Алпи на север на Албанија, спроведувањето особено се интензивираше откако во кампања за уривање дивоградби во јули годинава беа урнати 10 неовластени туристички објекти во срцето на селото, кое последниве години доживува невиден туристички бум. Булдожери, придружувани од полиција, ги урнаа пансионите и куќите изградени без дозволи во заштитено подрачје номинирано од УНЕСКО.
Рама дивоградбите кај Тет ги нарече „повеќеслоен злостор“ против природата и ги обвини локалните обвинители дека ги штитат прекршителите.
Жителите тврдат дека државата најпрвин ги охрабрувала да инвестираат во туризмот, за подоцна да бидат цел на уривање. Некои локални жители отворено зборуваа дека платиле мито на локалните службеници за да издествуваат „неформално одобрување“.
Дополнителен проблем во планинската област на албанскиот дел на Проклетие е наследената повеќедецениска конфузија со имотните права – 80% од катастарските податоци во планинските области се неточни или нецелосни, при што многу заедници се потпираат на обичајното право (Канун) наместо на формалните титулари.
НАЈГОЛЕМИ ЖАРИШТА НА МОРЕ – ВАЛОНА И САРАНДА
Операцијата на албанската Влада насочена кон справување со дивото градење во крајбрежието на Албанија, наречена „Нашата крајбрежна линија“ ги таргетираше нелегалните одморалишта, ресторани и вили изградени на јавни плажи во летувалиштата на Јадранското и Јонското море.
Сепак, процесот се соочува со многу пречки: многу од веќе урнатите структури се појавуваат повторно во привремена форма во рок од неколку месеци, што укажува дека и ваквите радикални мерки на властите имаат слаб ефект на одвраќање, наспроти привлечноста на профитот.
Кампањата на Рама го спротистави и во однос на делови од судството во Албанија. Најсвежи примери се оној во Тирана, кога судија ја блокираше конфискацијата на нелегално изграден станбен блок во кој се наоѓа Агенцијата за катастар, што го натера Рама да ја нарече одлуката „скандалозна“.
Во Скадар, обвинителката Елса Ѓели одби да отвори кривична постапка за нелегалните градби на Тет, тврдејќи дека тие биле „привремени контејнери“ – одлука што Рама јавно ја осуди.
Овие судири ја нагласуваат пошироката дилема за владеењето на правото: додека владата се залага за агресивно спроведување, делови од судството го толкуваат законот тесно, понекогаш на начини што ги фрустрираат приоритетите на извршната власт.
Албанските медиуми (Топ ченел, Ора њуз) главно ја претставуваат капањата против дивоградбите како тест на државната власт и обид за заштита на туризмот, додека пак медиумите во регионот, како на пример косовските медиуми кампањата на Еди Рама ја посочуваат како потенцијален модел за регионот, но предупредуваат на политички ризици доколку спроведувањето е селективно.
Некои стории на истражувачкото новинарство, како онаа на BIRN пронајдоа поврзаност на некои нелегални проекти со личности од организираниот криминал, зголемувајќи ги влоговите надвор од прекршувањата на зонирањето.
ДИВГРАДБИТЕ ОТКРИЈА СЛАБОСТИ ВО СИСТЕМОТ
Хроночниот повеќедецениски проблем со диво изградените објекти во Албанија ги откри слабостите на системот, пред се децениите нецелосна регистрација на земјиштето и спротивставените правни режими (граѓански законик наспроти Канун), што дополнително го комплицираат проблемот и го прават спроведувањето правно сложено.
Спроведувањето на законите односно нивното нецелосно спроведување укажа и на слабост на локалното управување, поради што следеше ултиматумот на Рама од јули 2025 година за разрешување на околу 340 гувернери на локалните единици. Конкретна причина беа детектираните слабости и неуспесите да се спречи нелегалното градење во Тет.
Во состојба на голем степен на економска неразвиеност на земјата, туризмот последниве години, по откривањето на туристичкиот потенцијал и ставањето на Албанија на светските туристички мапи, претставува спас за многу рурални заедници. Поради ваквите околности, честопати уривањето на новоизградените капацитети за туризам, посебно во неразвиените планински села може да значи буквално финансиска пропаст без алтернативни средства за живот, предупредуваат критичарите на кампањата на Рама.
Тие ги посочуваат и слабостите на борбата против дивото градење, посебно влијанието кое обновените нелегални структури и благите судски казни го имаат врз процесот.
Кампањата на Рама е претставувана како реформа на управувањето и политичкиот систем во Албанија, која забрзано граби кон Европската Унија, пред се во централизирање на спроведувањето, воведувањето дигитален мониторинг и поврзување на територијалната контрола со целите за пристапување во ЕУ.
Сепак, се истакнува и дека јавно публикуваните уривања, емитувањата на социјалните медиуми и конфронтациите со обвинителите од висок профил го зајакнуваат имиџот на Рама како решителен лидер, но исто така ги поттикнуваат обвинувањата за авторитаризам.
(Фото: Telegrafi)