ПОВЕЌЕ

    Војната на Блискиот Исток значи дека „сите патишта“ водат до побавна економија и поскапи цени

    Време зa читање: 3 минути

    Светската економија повторно се соочува со сериозен тест, овојпат предизвикан од геополитичките тензии на Блискиот Исток, кои веќе почнуваат да оставаат длабоки траги врз цените и економскиот раст. Наместо постепено закрепнување по кризите од последните години, глобалните пазари влегуваат во нова фаза на неизвесност, каде енергијата и снабдувањето стануваат клучни фактори за стабилноста.

    Според Меѓународниот монетарен фонд, последиците од конфликтот веќе се чувствуваат преку зголемени инфлациски притисоци и забавување на економската активност. Управната директорка Кристалина Георгиева предупредува дека дури и во случај на брзо смирување на ситуацијата, Фондот ќе биде принуден да ги ревидира надолу своите прогнози за раст, а нагоре за инфлацијата.

    Главниот удар доаѓа од енергетскиот сектор. Нарушувањата во снабдувањето, особено поради случувањата околу Ормутскиот теснец, кој е една од најважните артерии за транспорт на нафта и гас во светот, доведоа до значително намалување на глобалните резерви. Според проценките, снабдувањето со сурова нафта е намалено за околу 13 проценти, што веднаш се одразува врз цените и производствените трошоци ширум светот.

    Но ефектот не застанува само на енергијата. Нарушувањата се прелеваат низ целите синџири на снабдување, вклучувајќи и клучни ресурси како природниот гас, хелиумот и ѓубривата. Овие индустриски и земјоделски инпути се директно поврзани со производството на храна и индустриското производство, што дополнително ги зголемува ризиците за глобалната економија.

    Иако пред конфликтот се очекуваше умерено подобрување на економскиот раст – со проекции од околу 3,3 проценти за 2026 година – новонастанатата ситуација го менува тој тренд. Наместо закрепнување, економијата се движи кон сценарио на поскапување и забавување, што, според Георгиева, е јасен сигнал дека светот влегува во период на зголемена нестабилност.

    Најранливи остануваат сиромашните земји, особено оние што зависат од увоз на енергија. Со ограничен буџетски простор, тие имаат малку можности да ги заштитат своите граѓани од растечките цени, што го зголемува ризикот од социјални тензии. Дополнително, дури 85 проценти од земјите членки на ММФ се нето-увозници на енергија, што ја прави кризата глобално чувствителна.

    Фондот веќе работи во координација со Светската банка и други институции за ублажување на последиците, а дел од земјите веќе побарале финансиска поддршка. Сепак, Георгиева предупредува дека широките субвенции за енергија не се долгорочно решение, бидејќи можат дополнително да ја засилат инфлацијата.

    Дополнителна загриженост предизвикува и можноста за нарушување на снабдувањето со ѓубрива, што би можело да доведе до криза со храната. Иако таков сценарио засега не е реалност, ризикот останува висок доколку конфликтот продолжи.

    Во пресрет на пролетните состаноци во Вашингтон, се очекува токму оваа тема да доминира во разговорите меѓу светските финансиски лидери. Јасно е дека дури и ако војната заврши брзо, нејзините економски последици веќе се вградени во глобалниот систем – и светот ќе мора да се прилагоди на новата реалност на поскапи ресурси и побавен раст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично