„Софија Градба“ си ги врати акциите што претходно ги продаде на „Орка Холдинг“. И повторно е мнозински акционер.
„ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД БИТОЛА, согласно чл. 38 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје, известува дека настаната е промена на сопственост врз акции на начин што одреден досегашен сопственик со над 5% од вкупниот број на акции – друштвото ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје, повеќе не е акционер со над 5% акции, а повторно акционер со над 5% акции е друштвото СОФИЈА ГРАДБА ДООЕЛ Скопје со 46.046 акции, односно 22,69% од вкупниот број акции“, е последното известување поврзано со промените на сопственоста во битолскиот Комбинат.
Со ова станува јасно дека повратот на акциите е направен преку втората блок-трансакција од 23 септември. И тогаш, како и десет дена претходно, во берзанската информација беше наведено дека е реализирана купопродажба на 46.046 обични акции издадени од ЗК „Пелагонија“. На купувачот му обезбедуваат 22,69 проценти сопственост. Цената за акција е 2.319 денари, а целиот износ на трансакцијата е 106.780.674 денари, односно 1,73 милиони евра.
Веројатно, по ова сопственичката структура во ЗК „Пелагонија“ е иста како и на крајот од минатата година: „Софија Градба“ Дооел 23%, Златко Пирузе 18%, Цветан Панделески 15%, „Нова Агро Инвест“ Дооел СКОПЈЕ 10% и останати 34%.