Ревизорските куќи имаат многу значајна улога во економијата и деловното работење бидејќи обезбедуваат независна проверка и сигурност за финансиските информации на компаниите. Во Македонија има компании на реномирани светски ревизорски куќи, а нивниот имиџ го гради човечкиот фактор. Нивниот потпис може да се види на многу извештаи од акционерски друштва и јавни претпријатија. Ним не им се потребни ни фабрички хали, ни машини. Доволен е компјутер и ќе заработат солидни износи.
Пари во соработка со Бизнис мрежа ги анализираше податоците за ревизорските куќи. Тие покажуваат дека најзвучните имиња во светот на ревизијата кај нас имаат добивки од по неколку стотици илјади евра.
Заедничкиот приход на сите ревизорски куќи е 16,5 милиони евра, а заедничката добивка изнесува 2,4 милиони евра. Не е за изненадување што дејноста има висока нето-профитна маржа (сооднос меѓу профитот и приходот) од 14,5 насто, затоа што ова е дејност со висока додадена вредност. Во оваа дејност лани имало 477 вработени.
Ревизорските куќи се во плус по остварени приходи, односно тие наплатиле 3 милиони евра повеќе за услугите во 2024 година во однос на 2023 година, додека добивката им се зголемила за околу 750.000 евра.
Извор: Бизнис мрежа
НАЈМНОГУ РАБОТА ИМАЛ ПРАЈСВОТЕРХАУСКУПЕРС
ПРАЈСВОТЕРХАУСКУПЕРС (PwC) е глобална компанија со фирми ќерки ширум светот, а нејзини коминтети се 85 насто од компаниите коишто влегуваат во листата 500 најголеми во светот. Во 2024 година, 105.549 луѓе се приклучија на фирмите на PwC низ целиот свет. Бруто-приходот на компанијата на глобално ниво за крајот од минатата година изнесуваше 55,4 милијарди долари. Во оваа глобална слика се вклопуваат и фирмите во Македонија, една за ревизија и друга за консалтинг. Меѓу сите ревизорски куќи, на прво место по приход кај нас е токму Друштвото за ревизорски услуги ПРАЈСВОТЕРХАУСКУПЕРС РЕВИЗИЈА ДОО Скопје, каде за ревизорски извештаи се наплатени 5,5 милиони евра.
Анализата на ревизорските куќи покажува дека првите 10 компании по приход оствариле 12,5 милиони евра. Во 2023 година истите фирми имале помал промет и изнесувал 10,2 милиони евра.
Ревизорите секогаш бараат прецизност, но за да ги прикажеме поедноставно финансиските резултати, ние ги заокруживме бројките.
Извор: Бизнис мрежа
НАЈГОЛЕМ ПРОФИТ СОБРАЛА КРЕСТОН МАКЕДОНИЈА
Крестон Македонија е компанија што нуди ревизорски, советодавни и сметководствени услуги. Таа е членка на Kreston Global, меѓународна мрежа на независни фирми со репутација за обезбедување доверливи, усогласени и навремени услуги на компаниите.
„Каде и да нè сретнете во светот, гарантираме исто исклучително ниво на услуга“, пишува на нивната официјална веб-страница.
Со меѓународниот квалитет на услуги, во Македонија компанијата направила добивка од 380.000 евра, што е најголемата добивка во овој сектор.
Грант Торнтон е мултинационална мрежа за професионални услуги со седиште во Лондон, Обединето Кралство. Таа работи во 135 земји. Во Македонија има фирма за консалтинг и за ревизија. Ревизорската куќа Грант Торнтон е втора по профит на листата најпрофитни компании од овој сектор и има добивка од 316.000 евра.
На листата на 10 најпрофитни ревизорски куќи е и Друштвото РСМ Македонија. Со остварените 79.000 евра го обезбедиле осмото место на листата.
Извор: Бизнис Мрежа
МНОГУ РАБОТОДАВАЧИ ГИ НАМАЛИЛЕ ПЛАТИТЕ
Бројот на вработени во овие ревизорски куќи обично е двоцифрен, но најпрометната Прајсвотерхаускупер има 128 вработени, со просечна плата од 64.792 денари и она што паѓа во очи е што таа е помала отколку во 2023 година, кога била 71.165 денари. Но, ова не е единствена ревизорска куќа со намалување на платите. Од десетте најголеми работодавачи, четири ги намалиле платите.
Најголемите 10 работодавачи во овој сектор имале вкупно 321 вработен.
Извор: Бизнис мрежа
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска