Размена на искуства во сферата на капитално финансираното пензиско осигурување, за работењето на пензиските фондови, за механизмите на супервизија на пензиските фондови и за усвоената регулатива се воспоствува на релацијата меѓу МАПАС и Ханфа – Хрватската агенција за супервизија на финансиските услуги. Потпишан е меморандум за соработка, која опфаќа размена на документи, билатерална помош, едукација, истражување, обуки и развој од заеднички интерес.
И двете агенции се членки на Меѓународната организација на пензиски супервизори – ИОПС. Дополнително, соработката со Ханфа ќе и биде од помош на Македонија во процесот на усогласување на регулаторната рамка и зајакнување на административните капацитети на патот за пристапување кон ЕУ. Затоа, особено е важна техничката помош преку програмите на Унјата – TAIEX и Twinning, каде што Ханфа може да обезбеди поддршка врз основа на минатите искуства.
Преку програмата TAIEX во наредниот период ќе се одржи серија работни состаноци меѓу претставници на Ханфа и МАПАС. А, во рамките на првата официјална посета на Загреб, по потпишувањето на меморандумот, се одржа и дводневна работна средба на која беа презентирани моделите за проценка на системскиот ризик што ги применува Ханфа и другите регулатори во ЕУ, главните области на супервизија на домашниот пазар на пензиски фондови, како и претходните активности на Ханфа во полето на едукација на граѓаните за важноста на пензиските заштеди.
Во следните години МАПАС ќе продолжи да ја унапредува воспоставената пракса на соработка заради одржување на успешна комуникација со другите супервизорски тела и релевантни органи и институции, со цел тоа да придонесе кон одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување и унапредување на супервизијата на капитално финансираното пензиско осигурување.
Меморандумот за соработка е потпишан од претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, и од претседателот на Управниот совет на Ханфа, Анте Жигман.