Добивката од над 2,5 милиони евра е финансискиот резултат на УНИ банка од работењето во првата половина од годинава. Остварувањето во најголем дел произлегува од пресметаните и наплатени камати, кои во структурата на вкупните приходи партиципираат со високи 66,8 проценти.
Истовремено, посочуваат од Банката, зголемена е подобрена понудата со нови атрактивни продукти, што исто така влијаело врз полугодишното успешно делување.
Вкупните приходи изнесуваат 1.132.000.000 денари или речиси 18,4 милиони евра. Споредено со истиот период од минатата година, повисоки се за 11,3 проценти.
Најзначајниот елемент за банкарските приходи – каматите, бележат зголемување за 14,2 насто. По таа линија инкасирани се 598.256.000 денари (9,7 милиони евра). А, анализата на нивната структура покажала дека УНИ банка е повеќе ориентирана кон кредитирање на населението.
Во првото шестмесечие намалени се приливите од провизии и надоместоци, кои се во износ од 2,2 милиони евра.
Зголемување има и кај расходната страна, за 24,6 проценти. Тука е заведен износ од 975.400.000 денари (15,8 милиони евра).
Очекувањата на Банката за претстојниот период се да продолжи тенденцијата на зголемување на активата, континуиран раст и задржување на квалитетот на кредитното портфолио, кој би бил поддржан со пораст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти.