Получасовен предупредувачки протест, од 12 до 12.30 часот ќе одржат во петок вработените во Царинската управа. Имаат единстено барање – да почне исплатата на додатокот од 30 проценти, кој законски им следува.
„Вработените во Царинската управа веќе со години наназад имаат право на додаток од 30 насто, но тие тој додаток не го добиваат, а министерот за финансии си обезбеди 30 насто зголемување на платата во Министерството за финансии и во други институции. Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година“, посочи на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Воедно, синдикалците наведуваат дека ќе почекаат да дојде новиот директор Стефан Богоев, кој вчера беше именуван од Владата. Од барањето не се откажуваат, па доколку не ги сослуша, односно доколку не наидат на разбирање од страна на надлежните, размислуваат за радикализација на протестите. Конкретно, укажуваат, може да бидат затворени граничните премини.