Во петок инвеститорите не ќе можат да тргуваат со акциите на „Реплек“. Но, веќе од понеделник состојбата ќе биде редовна. Времениот прекин е поради променетиот номинален износ на акциите и потребата тоа да се заведе во Централниот депозитар за хартии од вредност.
Во информацијата од компанијата, објавена на Македонска берза се посочува на одлуката донесена од страна на акционерското Собрание за поделба на обичните акциии и намалување на номиналниот износ во сооднос 1:10 . А, пак, уписот на поделбата на акциите во Централниот депозитар за хартии од вредност ќе се реализира според состојбата на акционерската книга од 12 јули, по спроведеното порамнување на берзанските трансакции.
„За целите на успешно спроведување на наведената Одлука, по извршени консултации и добиени насоки од Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност, ве известуваме дека на ден 12.07.2024 година времено ќе биде стопирано тргувањето со акциите издадени од Реплек АД Скопје на официјалниот пазар на Македонската берза АД Скопје и ќе продолжи на 15.07.2024 година“, се вели во објавата од фармацевтската компанија.