Пензија во јули примиле 344.766 лица, од кои најголемиот дел, 246.155 – се старосни пензионери. Просечната исплатена пензија изнесувала 26.166 денари или 425 евра, што е речиси идентично со јунскиот износ (26.207 денари). За еден месец бројот на пензионери кои живеат со најниските законски пензии е зголемен за 485. Намалување за 143 лица има кај примателите на пензии со суми над 62.482 денари. Непроменета е состојбата кај највисоките пензии – 88.013 денари стигнале на сметките од 18 пензионери. Ова се податоците од јулската статистика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Државниот завод за статистика, пак, износот на просечната плата за седмиот месец ќе го објават на 23 септември. Но, од споредбата на јунските просеци (плата 45.468 денари и пензија 26.207 денари) произлегува дека просечното пензионерско примање претставува 57,6 отсто од средната вредност на платата. За пензионерскиот стандард можеби поилустративна е споредбата со минималната плата. Одредените за годинава 24.379 денари се за 7,5 проценти пониски од просечната пензија.
Пониска пензија од 18.192 денари, нема. Сумата претставува 69,4 отсто од просечната пензија. И 74,6 отсто од минималната плата. Прашањето е кои од основните трошоци за живот можат да се покријат со тие пари.
Во јули просечната старосна пензија изнесува 452 евра, инвалидската 385 евра, а семејната 350 евра. Вообичаено, најниски се земјоделските пензионерски примања (259 евра), а највисоки воените 563 евра.
Класификацијата по групи дава јасна слика: речиси 36 отсто од пензионерите месеците го врзуваат со износи меѓу 18.193 и 21.909 денари; а 23,2 отсто со суми од 21.910 и 27.500 денари. Нешто посолидна е позицијата на тие безмалку 27 проценти од корисниците со пензии од 27.501 до 43.739 денар. А, ниту еден процент (0,94%) не можат да заокружат малубројните со над 62.482 денари.
Речиси пет пати повисока од просечната плата е највисоката пензија од над 1.400 евра. Што потсетува на фактот кој во последно време се занемарува – високите плати и соодветните придонеси се основа за мирни пензионерски денови од аспект на финансиите.
На спротивната страна се повеќе од 92 илјади пензионери како корисници на најниските законски пензии, од 296 до 356 евра. Најмалиот износ (18.192 денари) е предодреден за 2.180 лица, кои се пензионирале од почетокот на 1997 година. Највисоката од најниските пензии (21.909 денари) оди на сметките од 759 пензионери, кои работниот век го завршиле до први декември 1996 година. Според бројноста (53.873) се издвојува третата група од пензионираните по први јануари 2002 година, чии пензии од 18.852 денари се единствено подобри од убедливо најниските.
Всушност, официјалните бројки покажуваат дека најголемиот дел од пензионерите во Македонија живеат со месечни примања од 350 до 450 евра. Веќе е септември, но сѐ уште не се зборува за линеарното зголемување од илјада денари, што премиерот го најави, a во јули и парламентот ги усвои измените на Законот за пензинско и инвладиско осигурување, кои го овозможуваат тоа. Според тоа, на први октомври ќе биде исплатена повисока пензија. Колкави промени ќе внесе во пензионерскиот стандард, ќе кажат пензионерите.
М.А.