ПОВЕЌЕ

    Во неизвесност 550 вработени – Кој ќе ѝ даде шанса на Лукоил Македонија?

    Време зa читање: 3 минути

    „Лукоил може и понатаму да работи и да обезбедува нафтени деривати. Досега најголем дел обезбедувал од Бугарија, но може да обезбедува и од други земји. Во тој дел треба да му дадеме шанса и понатаму да работи, не мора да се снабдува со деривати обезбедени од руски рафинерии“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој веќе имал средба со претставникот на „Лукоил Македонија“, кој, како што рече, „ќе ги преземе сите мерки за тие луѓе да не останат без работа“.

    Сепак, останува неизвесноста – што ќе се случува со 550-те вработени по 21 ноември, кога ќе стапат во сила американските санкции насочени кон руските нафтени компании. Подружницата во Македонија има 40 бензински пумпи и 10 резервоари.

    Практично, отворено е прашањето за сопственоста. Познато е дека швајцарската „Гунвор груп“ се откажа од намерата да ја купи „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, во чиј состав е и „Лукоил Македонија“.

    САД го насочија ударот кон руските нафтени гиганти како дел од пошироката стратегија за ограничување на приходите што Москва ги користи за војната во Украина. Новите санкции значат блокирање на средствата, ограничување на трансакциите и замрзнување на имотот на компаниите во странство. Тие мерки веќе поттикнаа држави со руска енергетска присутност да се мобилизираат.

    Бугарија, на пример, најави национализација на имотот на „Лукоил“ за да обезбеди непречено снабдување со гориво. Во други земји, санкциите предизвикуваат прекинување на договори или продажба на удели во подружниците.

    „Лукоил“ има широка меѓународна мрежа на рафинерии, бензински станици и нафтени полиња, поради што сега е принуден да ги продава или постепено да ги затвора своите странски компании.

    Што се однесува до македонската подружница, таа последниве пет години бележи континуиран раст на приходите и стабилна добивка.

    Според податоците на „Бизнис Мрежа“, приходите во 2020 година изнесувале 70,1 милион евра, а во 2024 година достигнале над 153 милиони евра. Лани компанијата остварила профит од 3,8 милиони евра – за 65 проценти повеќе отколку во 2023 година. Најголема добивка е забележана во 2022 година – 4,9 милиони евра, а најниска во 2020 година – 2,1 милион евра.

    Постојано се зголемува и бројот на вработените: од 452 во 2020, до 545 во 2024 година.

    Ако не се најде купувач за „Лукоил“, македонската подружница ќе биде под удар на американските санкции. Затоа се очекува Владата да преземе конкретни мерки за заштита на работните места и воопшто, на домашните интереси.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично