Во собраниската Комисија за финансирање и буџет течат бурни амандмански расправи во однос на Предлог-буџетот за 2024 година, а една од редовните теми е задолжувањето. Државниот долг, заклучно со 31 октомври, е над 6,9 милијарди евра. За наредната година буџетската дупка е планирана на 578 милиони евра. Но, бидејќи за отплата стигнуваат и стари долгови, околу 730 милиони евра, мора да се позајмува и за нив, па според Предлог-буџетот вкупно планираното ново задолжување за 2024 година е околу 1,3 милијарди евра
Полека се исцрпува и овогодишниот буџет. Досегашниот буџетски дефицит, поточно со датум 5.12.2023 година, како разлика меѓу приходите и расходите, е 574 милиони евра. Детални податоци, пак, Министерството за финансии има до 31 октомври. Дотогаш реализираниот буџетски дефицит е 407,4 милиони евра. Од странство се позајмени 518 милиони евра, преку државни записи 485,4 милиони евра, но за да се покријат сите потреби – и финансирање на буџетски дефицит и сервисирање на стари долгови, користени се пари и депозитната сметка на државата. За отплата на главнини за надворешен долг се дадени 569 милиони евра, а за отплата на главнини за внатрешен долг се дадени 104,4 милиони евра.
Порталот Пари анализира и со колку пари се задолживме во изминативе 5 години. Податоците се разочарувачки за овој изминат кризен период, кога беше поважно од каде да се најдат пари, отколку колку ќе потрошиме. Така, во периодот 2018 – 2022 година, според завршните сметки на Министерството за финансии, државата позајмила речиси 4,8 милијарди евра, од кои најмногу, 1,55 милијарди евра, се потрошени во 2020 година, но огромен долг, од 1,32 милијарди евра, е направен и во 2021 година.
Економистите велат дека не е толку опасно колку некоја држава ќе се задолжува, колку што е опасно ако тие пари не ги користи за развој. За жал, енергетската и ковид-кризата, тоа сосем го оневозможија.
Анализата во рамките на проектот „Ефекти на финансиската и енергетската криза врз политиките и врз граѓаните“, предводен од Центарот за граѓански комуникации, покажува дека само во 2022 година, енергетската криза оставила големи последици на државниот буџет и капиталните инвестиции. Оттаму информираа дека Владата и општините пренасочија средства од виталните проекти за граѓаните, со неверојатна сума од над 220 милиони евра.
„Владата не реализираше проекти во вкупна вредност од најмалку 170 милиони евра за реновирање на здравствени установи, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови и проекти за унапредување на животната средина. На локално ниво не беа реализирани 50 милиони евра за капитални проекти, како изградба на улици и патишта, наспроти тоа, тие ги зголемија патните трошоци, платите, договорните услуги и трошоците за привремено вработување“, пишува во анализата.
Во наредниот период пристигнуваат огромни суми за враќање. Во 2025 година треба да вратиме 500 милиони евра за еврообврзницата од 2018 година, а толкав износ треба да се врати и во 2027 година за овогодишната позајмица. По 700 милиони евра треба да вратиме во 2026 и во 2028 година, за позајмиците од 2020 и 2021 година.
Редакција Пари