ПОВЕЌЕ

    Во Гересхајмер ќе се произведуваат шприцеви за вакцината против Ковид

    Време зa читање: 4 минути
    Германската компанија „Гересхајмер“ отвори фабрика во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје 2 во Бунарџик за производство на специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Станува збор за инвестиција од областа на  фармацевтската и здравствената индустрија во минимална вредност од 25 милиони евра во која треба да се вработат 400 лица.
    „Поради ковид кризата изгубивме само околу половина година. Ве уверувам дека во следните два до три месеци ќе имаме значајно производство тука“, рече Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер“.

     

    Премиерот Зоран Заев истакна дека со новата фабрика на „Гересхајмер“ земјава практично се става на мапата на производители на медицински амбалажи кои се користат насекаде во светот и станува дел од вакцинацијата против ковид-19 зашто во погонот во Скопје се произведуваат шприцевите со кои се аплицира вакцината.

    „Во интензивни и суштински преговори сме со „Гересхајмер“ за следниот чекор во инвестирање од областа на медицината и фармацијата и ако успееме да се договориме ќе биде најголемата поединечна инвестиција која воопшто се случила во земјава. Ќе направиме се за тоа да се случи и да заокружиме пакет на помош согласно сите можности кои ги имаме за да може да се потврдиме како привлечна дестинација“, рече Заев.

    Производството на компанијата, како што кажа, е мехатроничко со високо автоматизирани машини и работат висококвалификувани лица, претежно инженери.

    „Во услови на ковид криза со подносливо задоцнување успеавме денеска да ја пуштиме во работа оваа многу значајна фабрика во ТИРЗ Скопје. И во услови на пандемија извозот и увозот од ТИРЗ континуирано расте. Завршивме квартал кој е рекорден од осамостојувањето и од кога постојат зоните во делот на извозот со 776 милиони евра што е за 30 проценти повеќе од истиот период од 2020 година или за 41 процент повеќе од 2018 година. Се надевам дека трендот ќе продолжи и 2021 година да ја заокружиме со извоз поголем од три милијарди евра“, посочи Заев.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека во изминатите четири години е направен исчекор во начинот како се привлекуваат странските и домашните инвеститори и како се креира додадена вредност, која значи подобро платени работни места.

    -„Гересхајмер“ ја отвора првата нивна фабрика во Југоисточна Европа, а со најавите дека размислуваат за нејзино проширување се потврдува нашата посветеност за креирање предвидлива бизнис клима. „Гересхајмер“ е компанија со долга и успешна историја, високотехнолошки развиена, потполно дигитализирана и роботизирана каде има место за високо едуциран кадар од сите технички струки. Отворањето на вакви фабрики во ТИРЗ значи креирање на атрактивни и добро платени работни места што е наш императив“, рече Битиќи.

    Нагласи дека од септември лани досега се потпишани 48 договори за државна помош со компании кои аплицираат по Законот за финансиска поддршка на инвестиции и пет нови договори со странски компании кои се присутни во ТИРЗ зоните, инвестициски циклус во вредност од 95,7 милиони евра и креирање на нови 2.000 работни места.

    Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски посочи дека денеска практично почнува првата фаза од работењето на компанијата „Гересхајмер“, а како што рече, посветено се работи на подготовка на нов инвестициски циклус за кој очекува да биде објавен договор кој ќе биде најголем за странска инвестиција од осамостојувањето на земјава досега.

    „Компанијата со договорот е обврзана да вработи 400 лица, а од податоците кои ги имаме веќе на оние што се вработени им плаќа просечни плати кои се двојно поголеми од националниот просек. Ќе настојуваме и овој инвеститор и сите инвеститори кои ќе доаѓаат тоа да го испочитуваат“, рече Деспотовски.

    Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра. Делегација на „Гересхајмер“, вчера на средба во Влада најави и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели во кој се очекува да се вработат дополнителни 180 лица.

    „Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика со годишен обрт од 1,5 милијарда евра. Како што истакна Бургел, до 2028 година планираат годишниот обрт да изнесува 3,5 милијарди евра. Има погони за производство во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично