„Настел“ повторно продаде акции од „Реплек“. Четврти пат во последниве три недели. Денешната информација се однесува на 212 продадени акции. По оваа трасакција, сопственичкиот удел се намали на 8,56 проценти.
„Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Постапувајќи согласно член 38 од Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, Реплек АД Скопје објавува
Акционер со над 5%, односно компанијата Настел ДООЕЛ продаде 212 акции, со што поседува вкупно 22.197 или 8,56% од вкупниот број на акции“, се вели во објавата што „Реплек“ ја сподели со инвеститорската јавност преку Македонска берза.
За потсетување, „Настел“ тргна со продажба неколку дена пред поделбата на акции што ја направи „Реплек“ во однос еден спрема десет. Тогаш, на 11 јули, продаде пет акции, а му останаа 24.270 или 9,36 проценти. Три дена подоцна, ја намали сопственоста на 9,10 проценти, со продажбата на 682 акции, а во сопственост во тој момент имал 23.588 акции. Најмногу акции – 1.179, „Настел“ продаде во третата и засега претпоследна рунда, кога беше објавено дека поседува 22.409 или 8,65% од вкупниот број акции издадени од „Реплек“.
Какви се плановите на „Настел“ не е познато. Што се однесува до фармацевтската компанија, најголем поединечен акционер е генералниот директор Душан Пецовски, кој со „Реплек“ раководи веќе три години. Поседува 12,19 отсто од акционерскиот капитал. Владимир Пецовски, кој е негов брат, е со удел од 6,33 проценти. И двајцата последен пат купија акции во јуни годинава.
Понатаму, во сопственост на самото акционерско друштво се 8,14 отсто од акциите, „Сава пензиско друштво“ има 6,4, а „Ситко Антонио“ – 6,37 проценти.