ПОВЕЌЕ

    Во брашното е бизнисот – „Орка Холдинг“ со намера целосно да го преземе „Жито Полог“

    Време зa читање: 3 минути

    „Орка Холдинг“ целосно ќе го земе под свое тетовски „Жито Полог“. Известувањето за намерата, со вчерашен датум, е објавено на Македонска берза. Исто така, доставено е до сите надлежни институции – Комисија за хартии од вредност, Централен депозитар за хартии од вредност, Комисија за заштита на конкуренцијата, како и до Одборот на директори и до претставници на вработените во мелничко-пекарската компанија.

    „Понудата за преземање и проспектот ќе бидат дадено согласно Законот за преземање на акционерските друштва.

    По добивање на дозволата за понуда за преземање од страна на Комисијата за хартии од вредност, понудата за преземање и проспектот ќе бидат јавно објавени и достапни за сите акционери во Жито Полг АД Тетово“, се наведува во известувањето за намерата, потпишано од извршната директорка на „Орка Холдинг“, Лилјана Гајдоска.

    Оваа компанија на семејството Камчеви е акционер со над пет проценти во „Жито Полог. До неодамна беше и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој со сопствничкиот удел расчисти во август, кога продаде 11.119 обични акции со право на глас. Како купувач се јави Тони Јосифовски, кој по таа трансакција поседува 19,86 отсто од вкупниот број акции издадени од „Жито Полог“. Тоа е направено во блок трансакција, заедно со продажбата на 19.500 акции или 4,99 отсто од основната главнина на Стопанска банка Битола (во износ од 68,3 илјади евра). Цената по акција на „Жито Полог“ била 1.813 денари (вкупно 20.158.747 денари/327,7 илјади евра).

    Претходно, во јули, акциите – 3.112, ги продаде и „АС Сењак“, односно сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи, кој потоа го купи „Жито Караорман“ од Кичево.

    Последната активност со акциите на „Жито Полог“ е забележана на 11 август. Тогаш е извршен нетрговски трансфер на 168 обични акции.

    Основната дејност на „Жито Полог“ е производство на мелнички и пекарски производи, тестенини и јајца. Поседува сместувачки капацитети за житни култури, има развиена малопродажна мрежа и специјализиран погон за добиточна храна за задоволување на потребите на сопствената живинарска фарма.

    Од работењето во трите годинешни кватали бележи загуба од 408,9 илјади евра. Во тој перод оперативните приходи се во износ од 2,96 милиони евра, а расходите 2,95 милиони евра. Од продажбата се инкасирани 2,92 милиони евра, најголемиот дел на домашниот (2,86 милиони евра), но удел има и странскиот пазар              (52,6 илјади евра)

    Инаку, остварената добивка во 2022, од 230,8 ијади евра е повисока од остварувањата во во 2021 – 51,1 илјада евра и во 2020 година 207,3 илјади евра.

    Пазарната капитализација на крајот од минатата година е два милиони евра, и е намалена во однос двете години пред тоа, кога била на ниво од 2,1 милион евра.

    Одборот на директори на тетовскиот мелничар е во состав Катерина Дамјановска – претседател, Стојна Маџарева – независен член и Сашо Босилков  – генерален извршен директор.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично