Уште една блок-трансакција со акциите на ВВ „Тиквеш“ од Кавадарци. Купени се 510 обични акции, што претставува 0,19 проценти од акционерскиот капитал. Единечната цена за акција е 10 илјади денари, а вкупната вредност на овој блок е 5.100.000 денари или 83 илјади евра, информираат од Македонска берза.
За денес, пак, е закажана јавна берзанска аукција, на која се продава голем пакет од 10.646 акции, според моделот „сѐ или ништо“. Почетната цена за акција е 10.596 денари. Или, за хартиите од вредност кои обезбедуваат 3,94 проценти од основната главнина на компанијата, треба да се платат најмалку 112.805.016 денари (над 1,8 милиони евра).
Аукцијата е иницирана по барање на Еурохаус АД Скопје.
Вчера, пак, од Берзата известија за блок-трансакција, преку која беа купени 6.500 обични акции, кои обезбедуваат сопственост од 2,4 проценти. Блокот е реализиран по 7.300 денари за акција, односно вкупната вредност е 47.450.000 денари (771,5 илјади евра).
Инаку, во редовното тргување на официјалниот пазар, просечната цена за акција на винаријата „Тиквеш“ е 6.014 денари. Износот е од последното тргување регистрирано на 13 август, кога со 19 акции бил направен промет од 114.266 денари. Во последните 52 недели, пак, имало 42 трансакции (без блокови), а цената се движела од минималните 6.000 до максималните 6.750 денари за акција.
Акционерскиот капитал на „Тиквеш“ се состои од 270.450 обични акции. Номиналната вредност на една акција изнесува 51,13 евра. Според состојбата од крајот на минатата година, во сопственост на М-6 ДОО Скопје се 216.589 или 80,08 отсто. Помалите акционери располагаат со 53,861 акција, односно поседуваат 19,92 проценти.