Делегација на македонската Влада вчера престојуваше во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО – со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-тата Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб.
Владина делегација на средбите во Париз беше во состав: Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот, објави на својот Фјсбук профил Николоски.
Посетата на министрите следи по последната трета расправа за Охридскиот регион во УНЕСКО, кога ѝ беше дадена уште една шанса на Владата пред да се донесе одлуката за загрозено светско наследство, на што инсистираа еколошките здруженија во земјава. Тогаш УНЕСКО ѝ даде на Владата обврска до фебруари оваа година да исполни одредени обврски и тоа што е направено да го презентира во извештај.
Што презентирал министрите и градоначалниците пред телата на УНЕСКО не е јасно, со оглед дека до сега не е урната ниту една дивоградба, ниту пак на лице место се гледа дека надлежните превзеле некакви мерки за заштита на Охридскиот регион во склад со препораките на УНЕСКО.
УНЕСКО бараше Македонија итно да ја зајакне заштитата на Студенчишко Блато, да ги стопира сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“, и да го ревидира предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата. Комитетот во својата нацрт одлука посочи дека „продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО“ и бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
Комитетот на УНЕСКО тогаш ги повика надлежните институции во државава што поскоро да ја изготват проценката на сите кумулативни влијанија од инфраструктурните и развојните планови (како железничката траса на Коридорот 8) и големи проекти врз регионот и истата да ја достават до Центарот за светско наследство за разгледување од консултативните тела.
Околу претераната урбанизација, која е исто така забелешка на УНЕСКО, состојбата најдобро ја опиша државниот Завод за ревизија во својот извештај објавен лани. „За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети, иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во извештајот.
Исто така се споменува дека не е донесен ниту урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство.
Ј.Д.
Аналитика








