Во сопственост на Владимир Пецовски се уште пет акции издадени од „Реплек“. Со последната реализирана купопродажба, поседува 16.505 акции. Или, 6,37 проценти од вкупниот број хартии од вредност. За настанатата промена од фармацевтската компанија известија преку ценовно чувствителна информација објавена на Македонска берза.
Можеби тоа се акциите што вчера биле истргувани на официјалниот пазар. Бројот на акциите се совпаѓа. На дневната берзанска листа е заведено дека се истргувани пет акции, при што е направен промет од 77.080 денари. Просечната цена за акција е 15.416 денари, со постигнат дневен раст од 2,41 насто.
Пецовски, кој е еден од поголемите акционери на „Реплек“, често се јавува како купувач на акции. Најчесто на помали количини, односно како во случајот, по пет акции. Сепак, во претходната трансакција, регистрирана некаде при крајот на минатиот месец, се стекна со 40 акции.