ПОВЕЌЕ

    Владата „според закон“ ги откачи работниците од одлучувањето за минималната плата

    Време зa читање: 4 минути

    Од 2012 година, ова е првпат за минималната плата да се одлучува без работниците. Синдикатот на УПОЗ е „апсолутно незадоволен“ од претстојното зголемување за 1.812 денари. За наредните чекори ќе се разговара в петок, во рамките на Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија, посочи претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

    „Првпат откако е воведена во 2012 година, за минималната плата се одлучи без работниците. Пред неколку години на први мај имавме парола дека не смее да се одлучува без работниците. За жал, Владата вчера на седница донесе износ на минимална плата од 1.812 денари без да се разговара за тоа на Економско-социјалниот совет, без да се одлучи кај работодавачите и работниците за неа. Првпат се случува за ова, меѓутоа имајќи предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат“, истакна Деаноски.

    Прашањето за начинот на кој се одлучи за минималната на денешната прес-конференција во Вадата му беше поставено и на заменикот министер за економија, Марјан Ристески. Според него, ништо не е спорно, бидејќи се работи за редовното усогласување – по 50 проценти со растот на трошоците на живот и со растот на просечната плата за минатата година.

    Како Влада имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува наредниот месец. Има доволно време за институциите да го пресметаат покачувањето на минималната плата, кое законски изнесува 2.200 денари, рече Ристески, и додаде – оставен е простор доколку се постигне договор за минималецот помеѓу синдикатите и работодавачите.

    Од Владата вчера известија дека е усвоена информацијата за утврдување на минималната плата за 2025, при што ќе има пораст од 2.685 денари во бруто, односно 1.812 денари во нето износ. Во тој контекст оттаму порачаа: „Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата“.

    Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања, знаете што баравме во минатото, од тоа не отстапуваме“, рече Деаноски, укажувајќи – „небулозни се“ изјавите на Владата дека ќе дозволат работодавачите и синдикатите да се договорат за повисока минимална плата, а потоа ако треба да ја зголемат минималната плата.

    Сакам да ја потсетам Владата дека е најголем работодавач во државата. Во државата се вработени 129 илјади работници во јавниот сектор, од кои минимум 25 илјади директно зависат од зголемувањето на минималната плата“, нагласи лидерот на УПОЗ.

    Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека минималната плата ќе се зголеми за 2.200 денари.

    „Има еден Закон кој е во сила, каде што синдикатите и работодавачите се согласија и попуштаа и до крај на месецот ќе се прават пресметките да се утврди висината на минималната плата“, посочи тој.

    Исто така, рече дека Комисија за утврдување на репрезентативноста на синдикатите почна да работи, со цел да се утврди кој синдикат ги исполнува условите за репрезентативност.

    „Веднаш потоа ќе го свикаме Економско-социјалниот совет на кој ќе ја отвориме темата за минималната плата. Доколку работодавачите и синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минимална плата, ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на другите страни“, тврди премиерот. Воедно, рече, доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.

    Во текот на минатите месеци често се зборуваше на оваа тема, а синдикатите и работодавачите речиси и се усогласија – минималецот да се зголеми на 30 илјади денари, со тоа што за разликата од шест илјади денари да не се плаќаат придонеси во период од една година. Одговорот на Владата беше дека во буџетот нема пари за субвенционирање на придонесите.

    Дали работничкото незадоволство ќе се манифестира со протести, Деаноски одговори – за следните чекори ќе мора да одлучат работниците, односно членовите на синдикатот.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично