ПОВЕЌЕ

    Владата ќе дели бесплатни N95 маски на американските граѓани во обид да ја запре пандемијата

    Време зa читање: 4 минути

    Владата на САД ќе им овозможи бесплатни 400 милиони нехируршки маски „N95“ на граѓаните од своите стратешки национални залихи почнувајќи од следната недела, изјави претставник на Белата куќа, како дел од напорите на администрацијата на Бајден да го спречи ширењето на пандемијата на СОВИД-19, информира Ројтерс.

    Прилагодливите маски за лице N95, така наречени затоа што филтрираат најмалку 95% од честичките од воздухот, ќе бидат испорачани во аптеките и здравствените центри низ земјата неделава, рече официјалниот претставник, и ќе бидат достапни за подигнување кон крајот на следната недела.

    Владата на САД ја користи „федералната програма за аптеки за малопродажба“ што ја користеше за вакцини, соопшти Белата куќа, како и федерално финансираните здравствени клиники кои им служат на малцинските групи погодени од инфекции и смртни случаи од СОВИД.

    Малопродажниот синџир CVS, кој има речиси 10.000 локации на аптеки во САД, како и продавниците на Target, и Walgreens, кои имаат над 9.000 продавници, планираат да дистрибуираат бесплатни маски, рекоа портпаролите на компанијата.

    Потегот доаѓа откако претседателот Џо Бајден и неговиот тим се соочија со критики дека не направиле доволно за поттикнување на граѓаните да носат маски или да го засилат тестирањето додека варијантата Омикрон беснее низ целата земја, а хоспитализирањата достигнаа нов рекорд.

    Администрацијата, исто така, направи достапни бесплатни брзи домашни тестови преку веб-страница што официјално започна во средата.

    „Ова е најголемото распоредување на лична заштитна опрема во историјата на САД“, рече официјалниот претставник за маските, кои сега се продаваат онлајн за околу 1 до 2 американски долари.

    Повеќеслојните маски како N95 кои подобро го затвораат просторот околу носот и устата се сметаат за особено ефикасни во спречувањето на ширење на вирусот. Минатата недела нив ги препорачаа американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

    Побарувачката на потрошувачите за N95 и други позаштитни маски се зголеми во последниве недели на Amazon.com и други онлајн страници.

    НАБАВКА НА МАСКИ

    Болниците се опоравија од очајниот недостиг на N95 од почетните месеци на пандемијата во 2020 година, но неколку директори изјавија за Ројтерс дека синџирите на снабдување за здравствена заштита и натаму остануваат ранливи. На 29 декември имало 747 милиони N95 во стратешките национални залихи на владата на САД, што е 59 пати повеќе од нивото пред пандемијата, според американското Министерство за здравство и човечки услуги.

    Американските производители на маски изјавија за Ројтерс дека имаат машини за производство на милиони N95 секој месец и дека им даваат приоритет на здравствените работници.

    3M, најголемиот производител на респираторни маски N95 во САД, има капацитет да произведува повеќе од 2 милијарди од тие маски годишно во фабриките во Јужна Дакота, Небраска и на други места во светот, рече портпаролката Џенифер Ерлих. 3M „веќе ги снабди федералните и државните власти со стотици милиони N95 кои се во залихи за оваа намена, и ние ќе ги надополнуваме по потреба“, рече таа.

    Американските производители на маски изјавија за Ројтерс дека N95, кои ги користат голем број работници, се дизајнирани за возрасни лица. Само неколку американски производители прават KN95 и други висококвалитетни заштитни маски специјално за деца, велат тие.

    Администрацијата на Бајден минатата недела контактираше со Американската асоцијација на производители на маски (AMMA) и нејзините членови за информации за нивните резерви на маски, изјави претседателот на групата Лојд Армбрус за Ројтерс.

    Армбрус е и главен извршен директор на производителот на маски од Тексас Armbrust American, кој произведува возрасни N95 како и KN95 за возрасни и деца. Тој рече дека администрацијата на Бајден се чини дека е заинтересирана да создаде американска производствена база за заштитни маски за деца.

    Членовите на AMMA, кои не вклучуваат големи владини провајдери како 3M и Honeywell International, можат да произведат скоро 67 милиони KN95 и хируршки маски за деца – не вклучувајќи ги можностите за конвертирање на постоечките линии за да се направат повеќе маски за таа група, рече портпаролот. „Подготвени сме да обезбедиме заштитни детски маски за американските семејства“, рече Армбруст.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично