Економски раст од најмалку пет проценти годишно, повисок животен стандард и што помалку луѓе да се иселуваат од земјава се целите на реформскиот план „Визија за забрзан раст“ што го презентираше организацијата „Македонија 2025“. Во овој предизборен период планот ќе им биде образложен на релевантни чинители во општеството за да станат дел од развојната агенда, а организацијата е подготвена да соработува со политичките партии во насока на остварување на зацртаните цели, со кои ќе се изгради посилна нација.
„Македонија се соочува со силни развојни предизвици, како на локално, така на регионално и на глобално ниво, чија сложеност и неизвесност, заедно со бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, повикуваат на сеопфатна, интензивна и темелна акција во претстојниот период. Токму ваквите состојби нѐ мотивираа да се посветиме на креирање на конкретни мерки со кои сакаме да ги поттикнеме сите чинители во општеството, да преземат одлучни активности за нивна имплементација“, изјави извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски.
Осврнувајќи се на улогата што ќе ја има организацијата во имплементација на платформата и на „Визија“ што произлезе од неа, ко-основачот на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски нагласи дека се подготвени да дадат и финансиска поддршка и да ги засилат активностите за лобирање.
„Како организација сме подготвени да имаме конструктивна улога во спроведувањето на активностите од платформата, делувајќи како партнери, активни учесници и предводници. Покрај финансиска поддршка, подготвени сме да ги засилиме нашите лобистички напори во САД, ЕУ и кај соседните држави, со цел да обезбедиме поволни исходи за Македонија. Ќе ја поддржиме дигитализацијата на земјата и ќе ангажираме искусни експерти во областите на креирање развојни и антикорупциски политики. Македонија 2025 ќе ја активира целокупната своја мрежа и ресурси за остварување на целите и принципите на кои се темелат развојната платформа и реформскиот план што ги предлагаме. Истовремено, подготвени сме да соработуваме со сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и политичките партии, во остварување на овие цели кои ќе ни овозможат заедно да изградиме посилна нација – сега и во годините што доаѓаат“, истакна Зафировски.
Членот на Одборот на директори на организацијата, Ѓорѓе Војновиќ ја потврди подготвеноста за активно ангажирање.
„Би сакал да изразам лична подготвеност, единство и посветеност на сите членови на Македонија 2025 да помогнеме во имплементирање на клучните точки на Визијата за забрзан раст“, рече Војновиќ.
Сетот мерки во „Визија за забрзан раст“ се фокусира на три области – сеопфатна дигитализација на земјата, зајакнување на конкурентноста и искористување на потенцијалот на дијаспората.
„Во областа на дигитализацијата предлагаме мерки кои треба да овозможат граѓаните и фирмите да ги добиваат сите услуги и документи од државните институции по електронски пат. Ова значи целосна дигитализација на државните служби на централно и локално ниво, како и креирање систем за поддршка за дигитализација на микро, малите и средните претпријатија. Македонија 2025 веќе се вклучи во реализација на една од овие мерки, преку основање Центар за дигитална трансформација ‘Go Digital’, кој го ставаме на располагање за исполнување на целите во оваа област“, посочи заменик-претседателот на Одборот на директори, Васко Кроневски.
Говорејќи за мерките во планот кои треба да овозможат јакнење на конкурентноста на македонската економија, членот на Одборот на директори, Живко Мукаетов, нагласи:
„Динамиката и обемот на економскиот раст на нашата земја директно зависи од тоа колку и што извезуваме. А, за да можеме да се надеваме на зголемување на извозот неопходно е веднаш да се зафатиме со намалување на непотребниот бирократски товар за извозниците и регулативата која не само што не им помага, туку и ја намалува нивната конкурентска позиција“.
Надоврзувајќи се на ова излагање, Виктор Мизо, исто така член на Одборот на директори, укажа на потребата од нова стратегија за привлекување странски инвестиции.
„За да ја унапреди вкупната конкурентност на домашната економија, земјата мора да привлече и нови инвестиции од странство, за што неопходно е да се воспостави нова стратегија, вклучувајќи и нов модел што ќе биде атрактивен за инвеститорите. За тоа треба да се изградат и ефикасни агенции кои навистина ќе им овозможат брзо да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја“.
За третиот сет мерки од планот, кои треба да овозможат подобро искористување на потенцијалот на дијаспората, говореше членот на ОД, Боријан Борoзанов.
„Македонија се соочува со силни емиграциски движења и намалување на бројот на населението, што предизвикува се поголем недостиг на работна сила, појава која веќе е пречка за економскиот развој на земјата. Едно од решенијата за ваквиот сериозен предизвик е да се креираат можности со кои ќе се олесни повратот на иселениците во нивната Татковина. Затоа, ние како организација нудиме конкретни мерки и политики кои државата може веднаш да ги спроведе“.
На подготовката на реформскиот план, што се базира на анализи и експертиза од различни области, работеа голем број членови на „Македонија 2025“, кои дадоа значаен личен придонес, користејќи го и вмрежувајќи го своето големо знаење и професионално искуство.