Моќното црвено вино „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ е едно од ѕвездите на винарницата „Домен Лепово“ која поседува само 16 ha лозов насад. Се работи за креација на светски реномираниот вински мајстор Филип Камби и во него се вградени најдобрите практики на традиционалното француско винарење. Францускиот термин “Domaine“ значи посед, но кога се истакнува на винската етикета неговото значење е дека целокупниот процес на производство се одвива во бутик винарницата „Домен Лепово“, при што виното е произведено исклучиво од лозовите насади кои се дел од тој посед. На тој начин се постигнува поголема посветеност кон лозовиот насад и засилена контрола на квалитетот на грозјето, со фокус на задржување на неговиот природен баланс и свежина, што е од суштинско значење да се дојде до карактерно вино кое во себе ја носи експресијата на поднебјето и пораката од винарот.
Зад раскошниот вкус стојат низа фактори без кои ова вино ниту ќе ја има големата комплексност, ниту ќе може да го носи епитетот на карактерно, големо вино. Неколку клучни фактори може да се најдат под поимот “тероар”, уште еден француски термин во кој се сумирани сите природни фактори кои влиаат на лозовиот насад, а понатаму на стилот и квалитетот на виното. Не секоја година е подеднакво климатски погодна за сите вински сорти, што е една од причините ова вино да не се произведува секоја година, туку само во најдобрите години за Лепово, како што беа: 2015, 2016 и 2019. Но тука не застанува вечниот стремеж на енолошкиот тим на Домен Лепово за производство на совршено вино, па така покрај изборот на најдобрите берби (години), комбинацијата на вински сорти, како и нивниот однос во купажата не е постојана, туку се менува во зависност од кои сорти се со супер-квалитет за избраната најдобра година (берба).
ПОРАКА ВО ШИШЕ
Прекрасниот локалитет Лепово со сите свои карактеристики е идеален за одгледување винско грозје а посебно од нашата најзначајна сорта Вранец. Водечката идеа кај Domaine Lepovo Grand Cuvée е да се добие префинето вино со извонреден квалитет. Винарско ремек дело од локалитетот Лепово каде вранецот ќе биде доминантна сорта во купажата, додека останатите сорти нежно ќе го “скротат” неговиот темпераментен карактер, ќе внесат елегантност и суптилно ќе го надополнат ароматскиот профил на ова вино. За да се постигне тоа прво е потребно да се добие супер квалитетно грозје каде основен предуслов е да се намали приносот кој на Лепово се прави во две фази наречени: зелена берба и во период на прошарок. Голем дел од гроздовите наменети за Grand Cuvée се отстрануваат што резултира со принос од 40hL/ha, кој е понизок и од приносите во славните шатоа на Бордо. Понатаму, секоја сорта посебно се винифицира до нејзиниот конечен резултат, моновариетно вино спремно за консумација. Зреењето на секое од тие вина се одвива засебно во не често достапните француски (ICON) дабови буриња. Клучниот момент што ја носи главната порака на винарот е процесот “Асемблаж”. Уште еден француски термин кој се однесува на мешање на вина најчесто од различни вински сорти а понекогаш и берби. Ова е клучен процес каде винарот преку изборот на најдобрите сортни вина и нивниот однос во купажата, го става својот потпис врз виното во кој е вткаена целата негова вештина што не ретко ја споредуваат со волшебство.
БЕРБИ
Domaine Lepovo Grand Cuvée ги носи во себе карактеристиките од посебните берби 2015, 2016 и 2019, па така вранецот е генерално застапен во купажите од 50% – 60%, додека останатите сорти го менуваат своето учество.
Бербата 2015 се сметаше за мошне погодна година за македонското Мерло поради што учеството на кабернето е намалено на 20% додека, додека кај мерлото е зголемено на 25%, што резултираше во моќно, комплексно и добро структуирано вино со акцент на сочна и месеста текстура.
2016 пак беше во знакот на кабернето со што се зголеми неговото учество на 30%. Со цел да се избегнат едноличните џемести ноти од мерлото, неговото учество во купажата е намалено на 10% со што во виното доминира поголема свежина, сочност и засилена структура како клучна карактеристика на бербата за локалитетот Лепово.
2019 е сеуште во одлежување. Неговото лансирање на пазаорт се очекува кон крајот на наредната година, но она што е извесно е дека е година во која “Големата Купажа” од малиот посед Лепово ќе заблеска во ново руво. Во ова берба на поседот Лепово посебно се истакна со квалитет сортата Сира, која најверојатно ќе го потисне мерлото во целост или ќе биде минимално застапено со 5%. Потенцијалот на идната купажа оди во повеќе овошно-зачинска насока со силна структура и афинитет кон уште подолго зреење во шише на задоволство на винските вљубеници кои преферираат таков стил на вина.
За да се произведе едно Lepovo Grand Cuvée е потребно многу посветеност, страст, енергија и време. Енолошкиот тим на Домен Лепово се грижи најмалку три години пред виното Grand Cuvée да блесне во чашата на винскиот вљубеник и го покаже сиот свој раскош на поседот Лепово, кој го поистоветуваат со бисер на вардарската долина.
Редакција Пари