ПОВЕЌЕ

    Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем и натаму е сидро на стабилноста  

    Време зa читање: 3 минути

    „И покрај периодот на продолжени последователни шокови од невидени размери, активностите на банкарскиот систем и натаму растат и тој е стабилен и во услови на силна капитална и ликвидносна позиција. Силната капитална позиција на банките, којашто постојано се подобрува, придонесува за највисока стапка на адекватност на капиталот од 2007 година наваму, до нивото од 18,1% на крајот од 2023 година. Нивото на квалитетот на капиталот е највисоко, каде што над една третина од сопствените средства на банките им служат како заштитен слој или се ‘слободни’ и може да се користат за справување со различни предизвици. Тоа во голема мера е резултат на зајакнувањето на регулаторната и супервизорската рамка и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка, меѓу другото и преку воведување и постепено зголемување на противцикличниот капитален заштитен слој, од 0,5% од август 2023 до 1,5% од јануари 2025 година“, истакна Викторија Глигорова, директорка на Секторот за супервизија во Народната банка, на втората конференција за управување со ризиците „Ризиците движат – Quo vadis?“, организирана од факултетот Хајделберг во Скопје.

    Глигорова нагласи дека и во услови на затегната монетарна политика, минатата година банките обезбедија солидна кредитна поддршка, со раст од 4,3% на кредитите. Беше забележан и засилен раст на вкупната актива од 9,1% и на депозитите од 9,2%, особено на страната на домаќинствата. Стапката на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио е ниска веќе подолг период, а ограничено е и остварувањето на кредитниот ризик поради усогласувањето со регулативите на ЕУ, што доведе до воедначување на пристапот за определување на нефункционалниот статус на кредитите. Глигорова истакна дека поради неизвесноста и предизвиците од глобалното опкружување коишто и натаму постојат, има потреба од внимателно следење на квалитетот на портфолиото на банките, вклучително и на евентуалното остварување на индиректниот кредитен ризик и навременото признавање на кредитните загуби.

    „Народната банка постојано презема мерки за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, будно ги следи сите промени и е подготвена да ги преземе сите потребни мерки што се во нејзина надлежност. Еден од новите приоритети и стратегиски определби на централните банки, вклучувајќи ја и нашата централна банка, е ризикот од климатските промени. Оттаму, Народната банка има усвоено Среднорочен план во доменот на управувањето со климатските ризици 2023 − 2025 година, усвоени се Насоките за банките за управување со ризиците поврзани со климатските промени, а од април годинава Народната банка објавува преглед со „зелени“ показатели, чија цел е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики“, истакна Глигорова.

    Осврнувајќи се на новите технологии во финансиите, Глигорова порача дека паралелно со следењето на светските трендови при воведувањето нови типови дигитални банкарски услуги, неопходно е и воведување соодветни организациски и технички мерки за заштита од нападите од дигиталниот простор. Таа истакна дека управувањето со ризиците од дигиталниот простор од страна на банките ќе биде дел од супервизорските приоритети и за следниот период.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично