ВФП фонд менаџмент Скопје ќе се вброи меѓу големите акционери на WVP Fund Management AD Podgorica. Од актуелните 9,5 проценти, во сопственост ќе има 25 проценти од акциите на црногорскиот фонд. Одобрение доби од Комисијата за хартии од вредност.
„КХВ на Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови ВФП фонд менаџмент АД Скопје му даде согласност за стекнување на квалификувано учество кое надминува 20%, односно изнесува 25% од вкупно издадените акции на друштвото за управување со инвестициски фондови WVP Fund Management AD PODGORICA од Република Црна Гора“, известуваат од Комисијата.
Притоа, наведуаваат ја наведуваат намерата на ВФП фонд менаџмент да стекне дополнителни 15,5 проценти од вкупно издадените акции на WVP Подгорица, каде што веќе поседува 9,5 проценти. Па, заедно со претходно поседуваните 4.864 обични акции ќе поседува вкупно 12.764 обични акции.
„Мотив за зајакнување на сопственичкото учество во друштвото во Црна Гора е зајакнување на среден рок на финансиската состојба на ВФП фонд менаџмент АД Скопје“, посочено е во соопштението од КХВ.
Според податоците од веб-страницата на ВФП фонд менаџмент, освен во Црна Гора, како акционер се јавува во друштвата за управување со инвестициски фондови во Албанија (51%), во Србија (30%), во Босна и Херцеговина (25%) и во Бугарија (37%).
Со состојба од 30 април, ВФП фонд менаџмент управува, односно инвестирал средства во износ од над 183 милиони евра и има повеќе од 10 илјади клиенти инвеститори.