ПОВЕЌЕ

    „ВФП Етикс Акции“ ќе работи по шеријатското право – етика во инвестициите и профитот

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија ќе го добие првиот отворен инвестициски фонд што ќе работи по шеријатското право. Парите ќе се оплодуваат преку „ВФП Етикс Акции“, но според етичките норми. Секоја инвестиција ќе мора да го мине филтерот и да биде одобрена од етички одбор.

    Оваа новина ќе се реализира во рамките на Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови „ВФП Фонд Менаџмент“ АД Скопје, кое од Комисијата за хартии од вредност доби одобрение за организирање на новиот отворен инвестициски фонд. Исто така, од КХВ има согласност за Статутот и за Проспектот на новиот фонд, како и за тоа Комерцијална банка да ги врши работите на депозитарна банка.

    „Главна карактеристика на ВФП ЕТИКС АКЦИИ-о.и.ф е посветеноста на исклучиво етички инвестиции според шеријатското право. Целта на Фондот ќе биде да се постигне финансиски принос, но на етички начин. Дополнително, секоја инвестиција во фондот ќе биде одобрена од Етички одбор создаден исклучиво за функционирање на фондот“, појаснуваат од Комисијата.

    Притоа, се додава дека новиот фонд е наменет за клиентите кои сакаат да остварат атрактивен принос преку искористување на глобалниот раст на светската економија, како САД, Германија и Швајцарија.

    „Како инвеститори на Фондот може да се јават домашни и странски, правни и физички лица, а временски период кој е препорачлив за вложување во Фондот е најмалку 10 години. Средствата на Фондот ќе бидат инвестирани во акции – преносливи хартии од вредност на издавачи од земјата и странство без географски ограничувања (85% – 100%) и парични средства (0% – 15%)“, наведуваат од КХВ.

    Што значи да се работи по шеријатско право?

    Кога станува збор за финансиите, исламот го стимулира бизнисот, но мора да се зачува социјалната праведност. Затоа и не се прифаќа, односно се забранува пресметувањето и наплатувањето камата. Сепак, се поддржуваат економските активности кои носат профит, со тоа што треба да се ориентирани кон дејности и остварувања полезни за целото општество. Тоа се постигнува со примена на специфични закони и етички принципи, со кои, всушност, се менаџира функционирањето на пазарниот механизам. Во случајот на новиот Фонд, тоа ќе биде етичкиот одбор.

    Како што може да се прочита во трудовите напишани на оваа тема, исламските закони целосно ги забрануваат каматите и лихварството, што се нарекува „riba“. Причините се: „каматата е добивка без да се даде еквивалентна вредност на другата страна, каматата предизвикува инфлација, каматата го прави човекот да биде пасивен, да не се занимава со производство, каматата претставува бариера во меѓусебното помагање на луѓето, во општествата во кои каматата е раширена има големи нееднаквости меѓу богатите и сиромашните и таа постојано се зголемува“.

    Инвеститорите, според шеријатското право, можат да заработат со вложување на своите пари, а за тоа постои „sukuk“, што означува акционерски капитал, кој мора да е врзан за одредена актива. Имателите на сукук треба да бидат партнери во бизнисот. И, мора да создадат додадена вредност, која позитивно ќе се рефлектира во општеството.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично