ПОВЕЌЕ

    ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ЌЕ БИДЕ ОД ПОМОШ ВО ОТКРИВАЊЕТО НА ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ – Игор Трајковски во New Biz

    Време зa читање: 6 минути

    Што ќе донесе развојот на вештачката интелигенција, хиперпродукција на дезинформации, или ќе помогне во детектирањето на лажните вести? Како од собирањето вести на едно место за лична потреба се разви њус агрегаторот Тајм.мк? По кои критериуми влегуваат и се филтрираат информациите, кој од македонските медиуми пишува, а кој препишува… на овие теми во поткастот New Biz Наташа Велковска разговара со д-р Игор Трајковски – професор на Финки, основач и сопственик на Тајм.мк, програмер, некогашен кадар на Гугл. Кој смета дека по појавата на AI повеќе ништо не е исто. Уште повеќе, ќе нема област што од корен нема да биде изместена.

    По примерот на инженер од Гугл, кој на повеќе места ги следел вестите за нападите во 2001 и сакајќи сѐ да покрие го создал првиот њус агрегатор, Трајковски идејата ја добива во Швајцарија, каде што работел, исто така, за Гугл. И тоа не е бизнис идеја, туку поттикната од практични причини. Нагласува – го направив тоа што мене ми требаше, Тајм.мк првично го направив за јас да го користам.

    „Подоцна, таа порака им ја пренесував и на сите студенти со кои имав контакти, или на настани за претприемништво. Aко се почнуваат некои бизниси или продукт, најдобро е ти да бидеш првиот корисник. Развојот на продуктот го правиш сам и точно ќе знаеш што треба. Најголемата веројатност за успех е таа, да не бараш што им фали на луѓето, иако и тој пристап не е лош, но најдобро е да поаѓаш од тоа што тебе ти фали“, од искуство кажува Трајковски.

    Вели, кај него постоел интерес и од академски аспект, да истражи дали техниките за обработка на јазик ќе функционираат, и со македонскиот, со вадење клучни зборови.

    „Секој јазик има различна морфологија и тогашните техники се засноваа и на таков сигнал. Сакав да видам, зашто такво нешто слично немаше на македонски јазик, па тоа ми беше како фактор. И поставив рудиментирана верзија, без никаков дизајн, само една табела со листа од вести. Ја споделив со неколку новинарки со кои имав контакт во тоа време и тие беа онака – цел живот ова го чекам, да следам сѐ на едно место. Потоа го пратив и на други, тие напишаа текстови, и почнаа луѓето да доаѓаат на сајтот. Така добив интерес да го направам малку подобро. Воопшто идејата не беше тоа да стане бизнис“.

    Сепак, жали што најдобрите потези не се видливи. Луѓето го гледаат крајниот резултат, но не и начинот на кој сајтот работи во позадина. „Некогаш има нов апдејт за тоа како да ги склопува или рангира вестите… Тоа го правиме со месеци, ќе го пуштиме, но експлицитно не се гледа, во однос на пресметките, на тоа како се одбира, што е топ интересно, да е респонзивен сајтот, да не се лепи на ПР, на партиски соопштенија…“, посочува, и додава дека му е мака што заживеала персонализацијата, за што се заинтересирале малкумина од читателите и тоа најчесто инсистирајќи на тоа што не го сакаат.

    Дали персонализацијата е во насока на изолација? Колку повеќе кликаме на одредени содржини, толку се појавуваат нови информации. Трајковски вели – не можам да знам, но повеќе би се кладел технолошките компании тоa дека не сакајќи го прават.

    „Сите тие системи Јутјуб, Нетфликс, Фејбук, Инстраграм… ја гледаат стапката на задржување и интеракцијата со платформата. Сѐ прават да останеш тука, да лајкуваш, да коментираш, да споделуваш, за да добијат што повеќе информации од тебе, за да можат подобро да те таргетираат, да им е поефикасна продажбата на реклами. А, такви сме, повеќе сакаме да го гледаме тоа што не интересира. Треба малку повеќе напор да излезеш од тоа, да почнеш да читаш, да истражуваш нешто што не ти е од близок интерес. Така нѐ држат во тој локален свет“.

    Кога се зборува за Тајм.мк и опфатот на вестите од огромен број македонски портали, Трајковски потенцира дека читаноста на медиумот не игра улога во селекцијата, и тоа е ден од начините да се заштитат од евентуални дезинформации.

    Игор: Тоа не е стопроцентна заштита, но е еден од начините да исфилтрираме дезинформација, зашто и самите портали понекогаш не знаат дека пуштаат лажни вести. А, некои и намерно прават дезинформација. Кога ќе се појави некој нов веб-сајт, може да има голем број посети, ги шеруваат своите статии по купени фејсбук групи, плаќаат големи реклами за да ја дигнат посетеноста… Но, нашиот услов е шет месеци минимум да постои сајтот, да има постојана доволно голема посетеност. Не сакаме да имаме субјективен пристап. Само тука влијае посетеноста, дали воопшто ќе влезе во индексот на сајтови или не“.

    Потоа вели, ние преземаме, ја пресметуваме кој медиум е побитен, која тема каде и колку време ќе стои, врз база на одредени параметри, односно сигнали: колку копира вести од другите и колку него го копираат, колку партиципира во одредени големи теми.

    „Плус, ги наградуваме медиумите, кога ќе се направи некоја поголема тема. Секоја тема почнува со брејкинг њус. Некој прв пушта и почнуваат да се пишуваат вести и тоа расте и стои дури неколку дена како тема на сајтот. На тие првите неколку медиуми им даваме плус. Сите тие сигнали ги собираме со тек на време и се оформува еден индекс за медиумот. Слободно можам да кажам, Дојче веле и Радио Слободна Европа се типични медиуми кои немаат ниеден ископиран текст, целата продукција е реално од нив. Или, истражувачките мрежи како ИРЛ и Призма, тие имаат оригинални текстови. Затоа, кога ќе напишат нешто, најчесто оди како голема тема, се лепат другите и подолго време се задржува горе“.

    Сепак, додава, системот не е идеален, па се случува текст-копија, но со мали промени да го мине филтерот.

    „Кога некој ќе преземе вест, ќе ископира парче и плус ќе додаде нешто, ние тоа го сметаме како додадена вредност. Ако ја земе скроз веста, нема шанси да излезе, така е направен системот. Признавам, не е идеалене системот, се случува некогаш некој са мала промена да не го сметаме како копија, но тоа е дел од реалноста. Затоа и постојат повеќе агрегатори, верувам на различен начин ги прават сите овие процеси за рангирање на медиуми на тежина на вести, за дупликати, како влијаат… И, на крај, публиката одлучува“.

    А, за тоа какво ќе биде влијанието на вештачката интелигенција, дали ќе ја влоши и онака хаотичната состојба со лажните вести, или, пак, ќе ја подобри, Трајковски вели – И двете. „Има простор и за да биде хаос невиден, но има простор и за поголема контрола. Денес е многу полесно на автоматизиран начин да проверуваш работи напишани во текст“, уверен е и смета, кога се работи за факти, вештачката интелигенција ќе може повеќе да помогне за да се фатат информациите во кога се изнесуваат неточни работи.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично