
Во 2024 година, земјава повторно ја заврши енергетската година со силна зависност од странство: дури 65,5 проценти од потребната енергија е од увоз, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Вкупната енергетска побарувачка е измерена на 2.541.849 тони нафтени еквиваленти (toe), а моторот на потрошувачката остануваат нафтените деривати, со удел од 44,7 проценти, додека цврстите горива држат речиси четвртина – 24,9 проценти.
Домашното производство се намали и тоа забележливо. Бруто-примарното производство во 2024 година изнесува 842.142 toe, што е пад од 10,6 проценти во однос на 2023 година. Најголемиот удар доаѓа од лигнитот, каде што производството се сви налу за 20,9 проценти, а помала – но значајна – корекција надолу има и кај хидроенергијата, со минус од 15,8 проценти. Исклучок од негативниот тренд е соларната електрична енергија, која забележа експлозивен раст од 140 проценти, сигнал дека фотоволтаиците почнуваат посериозно да влегуваат во миксот.
Потрошувачката на енергија на крајните корисници е пресметана на 1.859.697 toe. Сообраќајот е најголемиот потрошувач на енергија со удел од 47,6 проценти, потоа следат домаќинствата со 26,1 проценти и индустријата со 16,9 проценти, додека останатите сектори учествуваат со 8,4 проценти. Овие бројки јасно покажуваат дека транспортот останува клучната алка каде што ефикасноста и замена на горивата би донеле најбрзи резултати.
На електричниот фронт, обновливите извори носат значајно парче од колачот: 39,4 проценти од бруто-производството на електрична енергија се од ОИЕ, а нивниот удел во бруто-домашната потрошувачка достигнува 35,4 проценти. Во доменот на секојдневието, едно домаќинство-мерило: просечното трошeње на електрична енергија изнесува 1.727 киловат-часови по жител годишно.
Сумирано, годината мина меѓу две спротивни сили: растечко соларно производство и висока увозна зависност, засилена од падот на лигнитот и послабата хидрологија. Предизвикот за енергетската политика останува ист – побрзо диверзифицирање на изворите и поефикасна потрошувачка, особено во сообраќајот, за да се намали ризикот од ценовни шокови и надворешни потреси.
Аналитика








