Самитот Македонија 2025 чија главна цел е поврзување и споделување на знаења и искуства помеѓу професионалците од различни земји и области, во функција на раст, утре и задутре ќе биде домаќин на над 50 експерти од бизнисот и научната заедница од повеќе земји во светот. Во фокусот на годинешното 13. издание се стратешкото лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии.
Покрај промените што ги носи дигиталната трансформација во општествата и во водењето на бизнисите, на Самитот ќе се дискутира и за моќта и потенцијалите на вештачката интелигенција и искористување на дигиталните здравствени иновации за унапредување на медицинските услуги во Југоисточна Европа. Демократијата, слободата на говорот во ера на дигитализација исто така ќе бидат дел од темите на Самитот Македонија 2025, како и многу други теми поврзани со бизнис моделите и стратегиите за брза и успешна трансформација.
Интересот за присуство е голем, според некои информации ќе учествуваат над 450 учесници. Покрај тоа, во рамките на Самитот ќе има одлична можност за вмрежување и остварување нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.
На отворањето на Самитот ќе се обратат и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска Блажевски, и претседателот на Одборот на директори на организацијата, Мајкл Чкламовски. На затворањето, пак, ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Самитот на Македонија 2025 е во организација на меѓународната невладина организација Македонија 2025, чија главна мисија е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување на економски развој и одржливост.