ПОВЕЌЕ

    УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ БЕЗ САНКЦИИ ЗА СРПСКАТА НАФТЕНА ИНДУСТРИЈА: Белата куќа повторно ги одложува мерките против НИС, неизвесноста останува

    Време зa читање: 2 минути

    Американската администрација го одложи спроведувањето на санкциите против српската нафтена индустрија по четврти пат, објави српската државна телевизија РТС. Санкциите, најавени минатата година од страна на Белата куќа за НИС, кој е во мнозинско сопствеништво на руската државна нафтена компанија, се одложени за уште еден месец.

    Минатата недела, НИС поднесе ново барање до Министерството за финансии на САД за посебна дозвола за одложување на целосното спроведување на американските санкции, со цел да се овозможи компанијата да продолжи да работи по 27 јуни, односно по истекот на претходната лиценца издадена на 25 април.

    Српската министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ нагласи дека понатамошното одложување на санкциите е добра вест за граѓаните на Србија. „Соединетите Американски Држави ги одложија санкциите против српската нафтена индустрија до 29 јули“.

    Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека во текот на ноќта до српската Влада пристигнале писмени потврди за одложување на санкциите по четврти пат. Како што изјави таа, санкциите беа одложени по тешка и макотрпна дипломатска борба.

    За српската државна телевизија експертот за енергетика Жељко Марковиќ потсети дека партнери како Унгарија и Хрватска сега се вклучени во преговорите.

    Газпромнефт во меѓувреме го намали својот удел во НИС на 44 проценти. Формално, повеќе нема основа за санкции врз таа основа“, изјави Марковиќ.

    Сепак, ситуацијата останува неизвесна. Санкциите на САД беа воведени со претседателска наредба, но нивното укинување ќе бара одлука од Конгресот.

    „Постапката е комплицирана, а во Конгресот има јастреби кои не сакаат да ѝ попуштат на Русија. Србија е заглавена во процепот“, вели експертот за енергетика Петар Станојевиќ.

    Доколку се активираат санкциите, последиците би биле големи – блокада на банкарските трансакции, прекин на испораките на нафта преку ЈАНАФ и можни прекини во снабдувањето.

    Проблемот е дополнително усложнет од фактот што Србија сè уште не склучила нов договор за снабдување со гас со Русија, туку работи според продолжен стар договор, кој истекува во септември.

    Прекинот на снабдувањето со нафта за Србија би претставувал сериозен логистички проблем.

    „Имаме околу три месеци резерви, но што потоа? Нема доволно капацитет во околното подрачје, а увозот од долги растојанија би бил скап. Горивото би било достапно, но по значително повисоки цени“, заклучува Марковиќ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично