Заинтересираните граѓани за вложување во безбедниот иснтрумент – граѓанска обврзница издадена од државата имаат уште два дена за тоа. Запишувањето во деловните банки ќе се одвива денес и во текот на утрешниот ден, информираат од Министерството за финансии. Ова е третата емисија на граѓанската обврзница, во износ од 100 милиони денари, која на инвеститорите им носи камата од 4,5 насто. Аукцијата ќе се одржи во петок на 12 декември.
Износот на една граѓанска обврзница е 10.000 денари. За целосна наплата доспеваат по 24 месеци. Предвидено е каматата за првата година да се исплати на 19 декември 2026 и за втората година на 19 декември 2027 година.
Првата емисија на граѓанската или популарно наречената народна обврзница беше реализирана во јули 2023 година, во вредност од 600 милиони денари или 9,75 милиони евра. На аукцијата граѓаните покажаа огромен интерес со уплатени повеќе од двојно средства, односно скоро 1,45 милијарди денари (23,5 милиони евра).
Во октомври истата година следуваше втората емисија, идентична како и првата. Притоа, беа запишани 17,6 милиони евра. Тие две емисии беа со камата од пет проценти.
Граѓанската обврзница е сигурен и безризичен инструмент. Се смета дека покрај бенефитите за граѓаните-инвеститори, полза има и државата затоа што вложените средства оридонесуваат за раст на домашната економија. Или, преку државната каса се насочуваат кон развојни проекти.
Аналитика








