Позитивни се финансиските резултати што УНИБанка ги евидентирала во првото тримесечје од годинава, до кои е дојдено преку реализација на активностите насочени кон зголемувањето и подобрувањето на сопствената понуда. Ефектите се согледуваат во вкупните приходи од 491,2 милиони денари или речиси осум милиони евра, кои споредено со истиот лански период се зголемени за 12,6 проценти.
Во овој сегмент најголем е придонесот на каматите, кои се и клучниот фактор во банкарското работење од аспект на приходната срана. Во првите сто дена тие се со износ од 2,1 милион евра (132,1 милиони денари) и со учество од 65,2 отсто се доминантни во структурата на вкупните приходи. Во однос на споредбениот период се повисоки за 20,3 насто. Ова движење најмногу се потпира врз кредитите одобрени на граѓаните, кои се за еден процент поголеми од декември 2022 година.
Исто така, пораст има и кај приходите од провизии – за 7,4 проценти. Од УНИБанка тоа го поврзуваат со растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти и привлекувањето нови корисници.
Расходите во првиот квартал од оваа година се намалени за 8,4 отсто и се на ниво од 5,8 милиони евра (359,1 милион денари. Истиот тренд на опаѓање е збележан и кај обврските по кредити – за 5,9 проценти.
Од УНИБанка очекуваат дека и натаму ќе продолжи тенденцијата на зголемување на активата, континуиран раст и задржување на квалитетот на кредитното портфолио, со што ќе се одговори на различните потреби и интереси на клиентите.