Уни банка избра нов Надзорен одбор, но во истиот состав како и досега. На акционерското собрание за членови се реименувани Светозар Александров Попов, Ралица Иванова Богоева, Јанко Ангелов Караколев и Дејан Кнезовиќ – независен член. Четиригодишниот мандат ќе им започне откако ќе добијат претходна согласност од Народната банка.
Инаку, нивните се уште актуелни мандати истекуваат во ноември (на членовите), односно во септември (независниот член).
Според образложението, Светозар Александров Попов (претседател на НО, Ралица Иванова Богоева (заменик) и Јанко Ангелов Караколев „имаат големо работно искуство од областа на финансиското работење, поседуваат професионални квалификации да ги извршуваат работите од делокругот на работењето на Надзорниот одбор и ќе придонесат и понатаму Банката да работи стабилно и профитабилно“. За Дејан Кнезовиќ се посочува дека е истакнат адвокат, кој со неговото над 25-годишно искуство во „корпоративното управување, креирање и исполнување на интерната регулатива, адвокатурата и застапувањето ќе придонесе за унапредување на работата на Надзорниот одбор, соодветно и на работењето на Банката“.