
Исплатата на МојДДВ ниту е прекината, ниту откажана. Повратот на средства за скенираните сметки во третиот годинешен квартал – продолжува, информираат од Управата за јавни приходи.
„Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара нивна целосна преработка. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок“, наведено е во соопштението од УЈП.
Исто така, посочуваат дека е во тек исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци, а запари ќе добијат и останатите граѓани, веднаш по завршување на техничката преработка.
Воедно апелираат до граѓаните – доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, веднаш да ги ажурираат податоците во системот, за да се „избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници“.
„Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени“, тврдат од УЈП.
Соопштението од Управата доаѓа по реакциите на граѓаните откако истече утврдениот рок за исплата, а голем дел од нив не добија поврат на средствата. Според проценките, една третина од корисниците на апликацијата МојдДДВ не ги добиле средствата што им следуваат за скенираните фискални сметки.
Ова е првиот застој во исплатата од 2019 година, кога беше востановен овој систем. Корисниците укажуваат дека се досега, иако законскиот рок за исплатата е 60 дена, реализацијата на повратот се одвивала порано, до десеттиот или до петнаесеттиот ден од месецот по завршувањето на тримесечјето.
Аналитика








