Таксистите имаат обврска да издаваат фискални сметки. Колку тоа се спроведува во секојдневната практика – на терен ќе проверуваат инспекторите. Управата за јавни приходи најави интензивирање на контролите секаде низ државата, особено во туристичките места.
„Управата за јавни приходи ги информира сите вршители на авто- такси превоз на патници дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени контроли со посебен акцент на издавањето фискални сметки и почитувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Контролите ќе се спроведуваат во соработка со други надлежни институции низ целата држава, особено во туристичките региони, каде што во летниот период е зголемена фреквенцијата на патници и активноста на авто-такси превозниците“, предупредуваат од Управата.
Воедно, ги потсетуваат таксистите на шестте должности кои мора да ги извршуваат во текот на работното време. Да користат мобилни фискални апарати со интегриран ГПРС уред. Да го регистрираат остварениот промет во фискалниот апарат. Да издаваат фискална сметка за секоја услуга во готовински промет. Да го евидентираат прометот во книгата на дневни финансиски извештаи, за секоја фискална каса поединечно. Да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет најдоцна наредниот работен ден. Да имаат јасно и видно истакнато соопштение за задолжително барање на фискална сметка од страна на корисниците на услугата.
Корисниците на такси-услугите честопати забележуваат дека добар дел од таксистите со „тешко срце“ издаваат фискални сметки. Кога тоа ќе биде побарано од нив, најчестиот одговор е „се расипа апаратот“ или „требаше да кажеш на почетокот од возењето“. Многу поретко фискална се добива без приговори.
Оттаму и повикот од УЈП упатен сите што имаат лошо такси-искуство:
„Доколку граѓаните имаат сознанија за неправилности поврзани со авто-такси превозот или неиздавање фискални сметки во која било дејност, ги охрабруваме да пријават преку: бесплатната телефонска линија 198 и на е-пошта: [email protected]“. УЈП ги разгледува добиените претставки и постапува согласно своите надлежности.
Исто така, од Управата апелираат до сите авто-такси превозници, како и до сите даночни обврзници, „да постапуваат согласно законските прописи, со цел зајакнување на даночната усогласеност и подобрување на даночната дисциплина“.