Граѓаните да направат увид во годишните даночни пријави (ДЛД ГДП) за остварените приходи во 2023, препорачуваат од Управата за јавни приходи, потсетувајќи дека тоа треба да се напави најдоцна до крајот на месецов.
„Секој кој е регистриран на системот ППД – (ujp.gov.mk) има обврска во својот кориснички профил, најдоцна до 31.05.2024 година, да ја потврди или доколку не ја прикажува точната слика за износот на остварен доход и платени даноци, да ја коригира пријавата“, наведено е во соопштението од Управата.
Воедно, се посочува дека по истекот назаконскиот рок потврдените и годишните даночни пријави кои не се потврдени, ниту се коригирани, ќе се сметаат за конечни, додека коригираните даночни пријави ќе треба да се одобрат од страна на службено лице од Управата за јавни приходи. Во случај да нема одобрувањ, тогаш УЈП ќе донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2023 година.
„Кај обврзниците во чија ДЛД ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по истекот на рокот за потврдување и коригирање, ќе се генерира налог за доплата со фолио број и истиот ќе биде содржан на третата страна во печатењето на даночна пријава(PDF документот). Обврзниците во чија ГДП се појавува повеќе платен данок, имаат можност во самата пријава да искажат барање за враќање на данокот“.
Исто така, се апелира до граѓаните кои оствариле доход во земјава или странство во вид на пари, хартии од вредност, натура или друг вид на доход и се уште не се регистрирани на системот е – Даночни услуги, за да ги исполнат своите обврски за пријавување и плаќање на данок, тоа да го сторат во најкраток можен рок.
Дополнителни информации за исполнување на обврските за пријавување доход, плаќање и поврат на данок можете да се добијат на [email protected].