Финансиското описменување стекнувањето здрави навики почнува од најраната возраст е ставот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, која со конкретни активности дава поддршка и го стимулира унапредувањето на финансиската едукација во образовниот систем. Благодарност за таквиот ангажман и за континуираната соработка добија од петтоделенците од основното училиште „Киро Глигоров“, кои со наставничката Бранка Јакимовска ја посетија АСО. Поводот беше – Денот на осигурувањето.
Мали амбасадори на осигурувањето беа пречекани од тимот за финансиска едукација, предводен од Ратка Целаковски. Средбата беше посветена токму на важноста на финансиската писменост.

Финансиската едукација во областа на осигурувањето е приоритет и на раководството на АСО. Затоа со гостите од скопското основно училиште се сретнаа и претседателот на Советот на експерти, Ели Дракуловска, како и членовите Александра Дранговска и Горан Здравковски.
Притоа, Дракуловска ѝ додели признание на наставничката Бранка Јакимовска за континуираната и посветена петгодишна работа во областа на финансиската едукација.

Посетата е потврда дека вложувањето во поддршката на наставниците во промовирање и унапредување на финансиската писменост е вложување во создавање на финансиски писмени генерации на ученици. АСО продолжува со активностите за поддршка и унапредување на финансиската едукација и осигурувањето со цел подигање на свеста и знаењето на граѓаните за донесување информирани финансиски одлуки.
 Аналитика



                                    
                                    




