ПОВЕЌЕ

    УЧЕНИЦИТЕ ДА АПЛИЦИРААТ ЗА ДРЖАВНА ПОМОШ: За 1.200 и 1.800 денари – кус рок и куп документи

    Време зa читање: 3 минути

    Куп документи во кус рок треба да се обезбедат и приложат за да се дојде до финансиската поддршка од 1.200 денари за основците и 1.800 денари за средношколците. Времето истекува, на заинтересираните им остануваат уште два дена за аплицирање. Иако во јавниот повик од Министерството за образование и наука за краен датум е наведен 24 декември, недела, реално потребните документи треба да се приберат и достават во училиштата до петок.

    Помошта предвидена со деветтиот антикризен пакет ги опфаќа учениците кои потекнуваат од семејства чии вкупни месечни приходи од нето-плата се до 50.000 денари. Тоа е еден од условите кои треба да се исполнети за да се аплицира за финансиска поддршка, а другите два се – да се државјани на Република Северна Македонија; да се редовни ученици во основното, односно средното образование.

    Притоа, треба да се пополнат следните обрасци: пријава на родител/старател поднесувач на барањето и изјава од другиот родител/старател.

    Освен тоа, потребни е да се приложат повеќе документи: копија од трансакциска сметка на еден родител/старател подносител на пријавата; потврда од работодавачот за последна исплатена нето-плата на двајцата родители/старатели; доколку е дете на починат родител доказ – извод од книгата на умрените и последен чек од пензија; доколку е дете од разведени родители доказ – решение од правосилна судска пресуда; доколку е дете на родител пензионер доказ – последен  чек од пензија; доколку е дете на невработен родител доказ – потврда од АВРМ дека е невработено лице кое не прима паричен надомест или прима паричен надомест со наведена сума; изјава од другиот родител/старател за давање согласност, подносител на пријавата да биде таткото/старател, односно мајката/старателка за користење финансиска поддршка.

    Државната помош, почнувајќи од овој месец, ќе се исплатува до крајот на учебната година. Секој месец, во првите пет дена, ќе се објавува јавен повик. Ќе биде наменет за учениците кои не добиле финансиска поддршка на претходните повици, но и за оние чие „право престанало поради неисполнување на некој од критериумите“.

    Од МОН предвиделе – „кога училиштата ќе утврдат дека одреден ученик повеќе не ги исполнува условите за користење на финансиската поддршка, по добиените податоци од училиштата, Министерството го испишува лицето од евиденцијата на корисници на финансиската поддршка“.

    Инаку, од МОН тврдат дека средствата ќе им бидат доделени на сите ученици кои ги исполнуваат условите и приложиле докази со кои се потврдува фактичката финансиска состојба во нивните. Се работи за повеќе од 105.000 ученици, за чии потреби од државната каса треба да се обезбедат 14,3 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично