ПОВЕЌЕ

    ТУТУНОТ ЈА ГУШИ ЕВРОПА, Македонија со рекордни бројки

    Време зa читање: 4 минути

    Додека во голем дел од светот бројот на пушачи полека, но континуирано опаѓа, Европа оди во спротивна насока и останува регион со највисока стапка на употреба на тутун. Според податоците на платформата „Brilliant Maps“, засновани на најновиот глобален извештај на Светската здравствена организација за периодот од 2000 до 2022 година со проекции до 2030, повеќе од една четвртина од европското население постаро од 15 години, односно 25,9 проценти, користи тутунски производи. Тоа ја прави Европа единствен регион во светот за кој не се очекува да ја исполни целта за намалување на пушењето за 30 проценти, предвидена во глобалниот акциски план на СЗО.

    Особено загрижувачка е состојбата на Балканот, кој се издвојува како „црна точка“ на европската мапа на пушење. Бугарија и Србија се на врвот со речиси идентична стапка од 39,5 проценти активни пушачи меѓу возрасното население. Веднаш зад нив се Хрватска со 37 проценти, Грција со 32,8, Словачка со 32,4, Унгарија со 32,2 и Романија со 30 проценти, бројки што значително го надминуваат европскиот просек и укажуваат на длабоко вкоренета тутунска култура во регионот.

    Иако Западна Европа генерално бележи пониски стапки, разликите меѓу земјите се изразени. Франција се издвојува со 34,6 проценти пушачи, што ја доближува до балканските држави и ја позиционира над европскиот просек, и покрај долгогодишните кампањи за јавно здравје и рестриктивни политики.

    Покрај класичните цигари, дополнителен аларм претставува растечката популарност на електронските цигари и новите никотински производи, особено меѓу младите. Над 100 милиони луѓе ширум светот користат електронски цигари, а во дел од европските земји процентот на корисници меѓу адолесцентите на возраст од 13 до 15 години е дури и повисок отколку кај возрасната популација, што отвора сериозни прашања за идните здравствени последици.

    Податоците на СЗО покажуваат дека и покрај глобалниот пад на бројот на корисници на тутун, од 1,38 милијарди во 2000 година на околу 1,2 милијарди во 2024 година, тутунот и натаму е една од водечките закани за јавното здравје. Се проценува дека во 2019 година дури 18 проценти од смртните случаи од незаразни болести во Европа биле поврзани со употребата на тутун, што значи дека речиси секој петти предвремен смртен случај можел да биде избегнат доколку пушењето не постоело.

    Во Македонија, состојбата е уште поалармантна. Според податоците на Институтот за јавно здравје објавени по повод Светскиот ден против употребата на тутун, 45,4 проценти од населението се активни пушачи, бројка што е далеку над просекот на Европската Унија и ја вбројува земјата меѓу државите со највисока стапка на пушење во светски рамки. Истовремено, интересот за откажување од пушење е исклучително низок. Во текот на 2023 година, само 43 лица побарале помош во советувалиштата за одвикнување од пушење при центрите за јавно здравје.

    Од Институтот предупредуваат дека редовната употреба на тутун директно придонесува за развој на низа сериозни заболувања, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни, малигни, ендокрини и репродуктивни болести, со долгорочни последици врз целокупното здравје на населението. Дополнителен проблем, според здравствените експерти, е влијанието на тутунската индустрија, која со значителни ресурси се спротивставува на заострувањето на законската регулатива, иако усогласувањето со европските стандарди е еден од предусловите за напредок на земјата кон членство во Европската Унија.

    И покрај тоа што Македонија уште во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот и во изминатите години имаше одредени чекори кон зајакнување на регулативата, во последниот период се забележува застој. Укинувањето на забраните за пушење на терасите на угостителските објекти и дозволата за користење уреди што го загреваат, а не го горат тутунот во затворени јавни простори, дополнително ја влошуваат сликата.

    Од Светската здравствена организација и од други меѓународни здравствени тела повторно апелираат до државите да ги зајакнат националните и регионалните политики за контрола на тутунот преку повисоки даноци, построго спроведување на забраните за пушење, ограничување на рекламирањето и значително проширување на програмите за поддршка на оние што сакаат да се откажат од пушењето.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично