ПОВЕЌЕ

    „ТУРБО ПОЛЕТУВАЊЕ“: Од Скопје до Неапол, од Охрид до Милано – „Виз Ер“ со нови рути низ Европа

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските аеродроми добиваат досега најголема експанзија на авиолинии – повеќе летови, повеќе седишта и повеќе шанси за патување. „Виз Ер“, најголемиот авиопревозник во земјава, ја засилува својата база во Скопје со шести авион и воведува вкупно 13 нови рути од двата македонски аеродрома, што ќе ја поврзат Македонија со 41 дестинација во 17 европски земји. Со оваа експанзија, компанијата најавува и модернизација на својата флота со најсовремени Airbus A321neo до крајот на годинава, со што капацитетот на седишта ќе се зголеми за околу 50 отсто, односно ќе достигне 3,3 милиони места за патници до 2026 година.

    Главниот извршен директор на „Виз Ер“, Јожеф Варади, нагласи дека македонскиот пазар е еден од најважните во регионот и дека со понудата на евтини авиобилети патувањето ќе стане подостапно, а истовремено ќе се поттикне туризмот, економската соработка и интеграцијата на земјава со Европа. Според него, „Виз Ер“ сака да стане дел од македонското општество, со повеќе домашни пилоти, инженери и кабински персонал, и токму затоа се отвораат нови работни места – дополнителни 100 вработувања покрај постојните 200.

    Новите рути од Скопје ги вклучуваат Бари, Неапол, Будимпешта, Келн, Штутгарт, Ларнака, Мадрид, Прага и Стокхолм, а од Охрид ќе се лета кон Базел, Милано, Катовице и Вроцлав. Од идната летна сезона, која започнува на 30 март 2026 година, скопскиот аеродром за првпат ќе се поврзе со Неапол, а ќе биде обновена и линијата кон Будимпешта. Летовите ќе се одвиваат три пати неделно – понеделник, среда и петок. Од охридскиот аеродром, пак, на 30 март почнуваат летовите за Милано Малпенза, на 7 јуни за Вроцлав, а на 8 јуни за Катовице, сите со по две релации неделно.

    Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека Владата ќе продолжи со поддршката преку субвенции, кои за новите пет линии ќе изнесуваат девет евра по патник за Скопскиот и 12 евра за Охридскиот аеродром. Тој нагласи дека само во последниот месец и половина се објавени 11 нови авиолинии, меѓу кои и оние за Стокхолм, Мадрид, Келн, Бари, Прага и Ларнака, кои ќе стартуваат од оваа есен и зима.

    „Имаме силна оперативна платформа со шест летала во Скопје, рути и од Охрид и повеќе од 200 вработени во Македонија. Нашата цел е да донесеме повеќе авиони, седишта и дестинации, и со тоа да придонесеме за раст на туризмот и економијата“, истакна Варади, додавајќи дека компанијата се гледа како национален партнер кој создава пристапно и флексибилно патување за македонските граѓани и нивните гости.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично