Во тековната економска клима и предизвикувачките пазарни услови, ТТК Банка АД Скопје успеа да постигне забележителни резултати, што повторно ја рефлектира одржливоста на нејзиниот деловен модел и успешното управување со сите деловни аспекти од работењето.
Во периодот од 1.1.2020 до 31.7.2020 година, прилагодувајќи го своето работење на вонредните економски и пазарни услови поради пандемијата од вирусот COVID-19, ТТК Банка АД Скопје ги надмина планираните цели и реализација утврдени во Деловната политика и во Финансискиот план за 2020 година.
Финансискиот резултат за периодот јануари – јули 2020 година изнесува 42 милиони денари. Во споредба со Финансискиот план за 2020 година, кој е во согласност со првичните согледувања за последиците што ќе ги предизвика светската пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, остварениот финансиски резултат го надминува очекуваниот резултат за 42,2 милиони денари.
ТТК Банка АД Скопје и понатаму будно ги следи сите макроекономски параметри и интерни индикатори и го прилагодува своето работење на новонастанатите состојби и пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.
Банката ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понудата на производи и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите-правни и физички лица кои ќе бидат најзасегнати од COVID-19 кризата.
Со цел креирање одржливи и ефикасни процеси и реализација на планираниот обем на активности во согласност со Деловната политика, во услови кога е неопходно минимум присуство во банките, Банката ќе продолжи да работи на дигитализација на процесите и надградба на производите и услугите достапни преку дигиталните канали (електронско и мобилно банкарство).