Додека автомобилите се „влечат“ низ утринските гужви, сините електрични тротинети на Бин Бин тивко се провлекуваат ‒ без бучава, без издувни гасови, речиси незабележливо. Тие станаа составен дел од градската сцена на новото време што го фаќа чекорот со Европа. Зад оваа приказна стои Бин Бин Скутер ДООЕЛ Скопје. Компанијата, дел од турската технолошка мрежа Бин Бин, своето прво тркало во Скопје го заврти во мај 2023 година и веќе две години создава нова транспортна култура ‒ динамична, дигитална и достапна. Но, истовремено, кога ќе се види како некој тротинет буквално е фрлен покрај пат, па и во Вардар, се поставува и прашањето: колку сме дораснати за овој сервис?
Дали компанијата е задоволна што дојде во Македонија? Порталот Пари ги анализираше бројките од 2024 и 2023 година во соработка со Бизнис Мрежа. Приходите растат, но растат и трошоците. Растат платите, но растат и загубите.
Финансиските податоци за 2024 година откриваат дека приходот на компанијата достигнал 346.000 евра, што претставува пораст од 17 насто во однос на претходната година, кога изнесувал 295.700 евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако на прв поглед ова изгледа како позитивен сигнал за раст, суштинската слика се менува кога ќе се анализира структурата на расходите и добивката. Имено, расходите во 2024 година се искачуваат на 560,1 илјада евра, што е драстично зголемување од 49,2 насто во однос на 2023 година, кога изнесувале 375,3 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Како резултат на тоа, добивката останува негативна и бележи загуба од 214,06 илјади евра ‒ речиси тројно повеќе од минатогодишната загуба од 79,5 илјади евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако Бин Бин е компанија што работи на терен, со околу 550 тротинети распоредени низ Скопје, бројот на вработени е релативно скромен. Во 2023 година фирмата имала 14 вработени, а во 2024 година тој број се зголемил на 15. Иако бројот на луѓе останува речиси непроменет, просечната месечна плата пораснала од 380 на 540 евра во 2024 година, што претставува зголемување од над 40 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Сепак, не треба да се занемарат ниту ризиците со кои се соочува компанијата. Веќе во првите месеци од работењето беа пријавени бројни случаи на вандализам, уништување и кражба на тротинети, како и неправилно паркирање и користење. Според надлежните, секој ден има по 3-4 оштетени тротинети, ги поправаат, но не можат да стигнат, бидејќи веднаш потоа се оштетени други.
И покрај тоа, Бин Бин останува иновативен чинител на урбаната мобилност, со јасна цел да се позиционира како водечки превозен сервис од новата генерација. Дали оваа инвестиција ќе резултира со профитабилност во иднина останува отворено прашање, но засега Бин Бин се наоѓа во фаза на формирање и стабилизирање ‒ амбициозна, но финансиски кревка компанија.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска