Во секојдневното работење и живеење луѓето најчесто се наоѓаат пред предизвикот да го изберат најдобриот начин да реализираат одредена активност. Со оглед на тоа дека ресурсите се релативно ограничени, а можностите за искористување на тие ресурси се многубројни, изборот на најдобар начин кој би донел и најдобар принос е особено значаен, а во исто време и тежок и ризичен.
Така, на пример, одредено лице кое поседува 500.000 денари може да донесе одлука да ги вложи нив како депозит во банка и за тој депозит да добие одредена камата, да ги вложи во некој инвестициски проект и да оствари одреден принос од вложените средства, да ги вложи во хартии од вредност кои би му носеле одредена камата или би му овозможиле сопственички удел во компанијата во која ги вложил средствата, како и можноста дека овие средства може да ги потроши на патување или на лично надградување што би му донеле лично задоволство, унапредување и сатисфакција.
Бидејќи можностите се многу, а реурсите се ограничени, потребно е да се направи најдобар избор како да се искористи ограничениот ресурс. Со избирањето на една можност автоматски се испуштаат другите алтернативи. За да се утврди цената на пропуштената можност во економијата се пресметуваат т.н опортунитетни трошоци.
Опортунитетните трошоци го претставуваат изгубениот принос кој би се остварил од алтернативната употреба на ресурсите. Во ситуација кога имаме можност за избор помеѓу повеќе алтернативи за искористување на одреден ресурс, опортунитетниот трошок претставува најдобрата алтернативна употреба на ограничениот ресурс.
Опортунитетните трошоци се значајна економска категорија која има важно влијание во деловното работење и одлучување. Така, на пример, кога компанијата треба да одлучи дали да се започне со одредена инвестиција и колку би чинел тој потфат, значајна улога во самото одлучување имаат опортунитетните трошоци кои треба да се вкалкулираат и во вкупните трошоци на инвестицијата.
Но, опортунитетните трошоци, освен како трошок кој ги зголемува вкупните трошоци на инвестицијата, може да се гледаат и како цена на инвестицијата. Бидејќи опортунитетните трошоци се врзуваат за најдобрата алтернативна употреба на ограничениот ресурс, тие може да бидат и цена која треба се постигне со избраната алтернатива. Така, доколку компанијата одлучува дали парите да ги вложи во одредена инвестиција, а при тоа има алтернатива тие пари да ги вложи во банка и за нив да добива камата која е извесна и сигурна, тогаш компанијата како најниска цена или принос од инвестицијата треба да ја постави каматата која би ја добила доколку парите ги вожи како депозит во банка, зголемена за одреден процент на ризик со оглед на тоа дека инвестицијата е поризично вложување од вложувањето на депозит во одредена банка.
На овој начин, опортунитетните трошоци претставуваат важна економска категорија која освен што влијае врз вкупните трошоци на компанијата, може да послужи и за поставување критериум за прифаќање или одбивање на одредена алтернатива.