Откако Елон Маск неодамна се пресели во Тексас, сега сите три најбогати луѓе во светот живеат во сојузни држави во САД кои не собираат данок на доход.
На почетокот на овој месец, на 8 декември, беше објавено дека Маск го напуштил својот дом во Калифорнија за да замине во Тексас, каде се гради новата фабрика на Тесла.
Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, кој има нето вредност од повеќе од 183 милијарди долари, живее во државата Вашингтон.
Трет на листата милијардери според Блумберг е креаторот на Мајкрософт Бил Гејтс, кој исто така престојува во државата Вашингтон.
Тексас и државата Вашингтон се две од деветте сојузни држави во САД кои не собираат данок на доход. Останатите седум се Алјаска, Флорида, Невада, Њу Хемпшир, Јужна Дакота, Тенеси и Вајоминг, пишува „Унилад“.
Патем, оваа година беше „профитабилна“ за Маск. Неговото богатство се зголеми со зголемувањето на акциите на Тесла. Пред два дена, на 18 декември, акциите на компанијата пораснаа за 6 проценти, со што се постави ново највисоко ниво од 695 американски долари.
Тој успеа да додаде повеќе од 127 милијарди долари на нето-вредноста во изминатите 12 месеци. Според Форбс, само ракетната компанија на Маск, SpaceX, сега се проценува на 46 милијарди долари.