Словенечката осигурителна групација Триглав и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) стануваат новите малцински акционери во полскиот „Insurtech“ HPI GMA S.A. – компанијата што работи под брендот Trasti. Преку капитална инвестиција Триглав ќе преземе до 24,8% сопственички капитал во следните две години, додека ЕБОР обезбедува дополнителен фонд за раст.
Со оваа инвестиција Триглав го исполнува својот план за интернационализација: групацијата веќе шест години се потпира на Trasti како дистрибутивен канал за полиси за осигурување на моторни возила на динамичниот полски пазар. Тековната соработка ѝ донесе на Trasti база од околу 700.000 корисници, а за Триглав – солидно сидро на нов терен.
Претседателот на Управниот одбор на Троглав, Андреј Слапар, оценува дека Полска нуди „значајна можност за раст“, поради што партнерството со компанија „која комбинира модерен дигитален пристап со силно локално знаење“ е логичен чекор напред.
Trasti, основана во 2019 година, ќе го употреби свежиот капитал за да го забрза развојот на вештачко-интелигентни алатки за пресметка на ризик, да ја прошири онлајн понудата и да навлезе во нови канали за продажба.
Главниот извршен директор Јануш Војтас вели дека поддршката од двајца институционални инвеститори е доказ дека дигиталниот модел на компанијата веќе носи резултати и оти средствата ќе се искористат за смели иновации и редизајнирање на корисничкото искуство.
„Trasti е модерна, подготвена за иднината, дигитална осигурителна компанија, која благодарение на технологијата и експертизата на својот тим, е способна да создава локални производи базирани на универзални процеси, со што имплементира вистински подобрувања на корисничкото искуство. Секој ден се прашуваме не само дали можеме да направиме нешто поинаку, туку и дали можеме да го направиме сосема одново“.
Според Тамаш Наѓи, ко-раководител на Одделот за приватен капитал, ЕБОР гледа технолошки ориентирана компанија со висок потенцијал и, преку заедничкото вложување со Триглав, сака Trasti да созрее во пазарен предводник.
Регионалната директорка Андреа Морару додава дека побрзиот раст на Trasti ќе внесе конкурентност и подобар квалитет на услуги во целиот полски осигурителен сектор.
„Како еден од најбрзо растечките осигурителни посредници во Полска, Trasti е во одлична позиција да поттикне понатамошни иновации, поголема конкурентност и подобар квалитет на услугите во осигурителниот брокерски сектор во Полска. Горди сме што го поддржуваме неговиот континуиран раст.“