
Во моменти кога светската политика сè повеќе наликува на нестабилна шаховска партија со премногу отворени фронтови, златото повторно ја презема својата стара улога, безбедно засолниште за вознемирените инвеститори. Последните денови донесоа историски рекорди кај цените на скапоцените метали, пред тие нагло да се повлечат, потсетувајќи дека на пазарите денес владее нервоза, а не трпение.
Цената на златото на почетокот на неделата за првпат ја надмина психолошката граница од 5.000 долари за унца, а накратко се искачи и до околу 5.500 долари. Среброто и платината го следеа истиот тренд. Иако по ова следеше корекција, вредностите и натаму остануваат значително повисоки во споредба со истиот период минатата година, што јасно укажува дека побарувачката за „сигурни“ инвестиции не стивнува.
Еден од главните двигатели на овој раст е зголемената политичка неизвесност што повторно ја создава американскиот претседател Доналд Трамп. Неговите трговски политики и новите царини кон земјите што, според него, имаат неповолен однос со САД, ја нарушија глобалната трговија и ја засилија нестабилноста на финансиските пазари. Инвеститорите, како и во многу претходни кризи, реагираа со повлекување кон златото.
Според Ема Вол, главен инвестициски стратег во Hargreaves Lansdown, златото повторно расте бидејќи довербата во политичките одлуки опаѓа. Таа потсетува дека во јануари, кога Трамп се закани со нови тарифи за европски земји кои се спротивставија на неговите идеи поврзани со Гренланд, акциите паднаа, а цените на златото и среброто скокнаа на рекордни нивоа.
Глобалната неизвесност дополнително се продлабочува со војните во Украина и Газа, како и со зголемените тензии меѓу САД, Европа и Кина. Апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД беше уште еден сигнал за инвеститорите дека светот влегува во период на засилени геополитички ризици. Заканите околу Гренланд придонесоа и за пад на довербата во американскиот долар, што дополнително ја зголеми привлечноста на скапоцените метали.
„Златото го прави она што секогаш го правело – расте кога светот изгледа хаотично“, оценува Вол, додавајќи дека трговските тензии, конфликтите и политичката нестабилност во САД создадоа совршени услови за нова златна треска.
Силен поттик за растот на цените дојде и од централните банки, кои во последните години значително ги зголемија своите златни резерви. Според Вол, многу земји сè почесто го гледаат златото како неутрална резерва, која ги штити од зависноста од американската надворешна и фискална политика. Замрзнувањето на руските средства во долари поради војната во Украина, за дел од земјите беше дополнителен сигнал дека златото нуди поголема сигурност.
Иако купувањата од централните банки се повисоки отколку пред 2022 година, економистот Хамад Хусеин од Capital Economics наведува дека податоците укажуваат на благо намалување на побарувачката во 2025 година. Сепак, интересот од други страни не стивнува. Кина останува најголемиот купувач на злато, и преку инвеститори и преку побарувачка за накит, додека западните инвеститори масовно вложуваат преку берзански фондови што тргуваат со физичко злато.
На пазарот се појавуваат и нови играчи со голема куповна моќ. Според Хусеин, компанијата Tether купила толку големи количини злато што нејзините резерви, наводно, ги надминуваат оние на некои помали држави, што дополнително го подгрева растот на цените.
По рекордниот скок, следуваше очекуван пад. Дел од инвеститорите стравуваа дека Трамп ќе избере претседател на ФЕД кој би попуштил под притисок за намалување на каматните стапки, што би довело до слабеење на доларот и раст на инфлацијата. Но, откако се појавија информации дека фаворит е Кевин Ворш, кој важи за релативно стабилен избор, цените на златото, среброто и платината нагло се повлекоа.
И покрај тоа, скапоцените метали и натаму се значително поскапи отколку пред една година – златото за околу 80 проценти, а среброто за повеќе од 200 проценти, според податоците на Bloomberg. Тоа јасно покажува дека глобалната несигурност, трговските бариери и тековните конфликти сè уште го одржуваат интересот за „безбедни засолништа“.
„Кога поседувате злато, тоа не е поврзано со долгот на некој друг, како акција или обврзница“, изјави Николас Фрапел од рафинеријата ABC за BBC. „Во свет полн со ризици, тоа го прави одличен диверзификатор.“
Сепак, последните осцилации се потсетник дека златото не е имунo на волатилност. Неговата цена може да паѓа речиси исто толку брзо колку што расте. Но, додека глобалната политика останува непредвидлива, сјајот на златото, барем засега, продолжува да привлекува инвеститори што бараат сигурност во несигурно време.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








